• петок, 27 декември 2024

Советот на ЕУ се очекува да одобри укинување на последните проверки на шенгенските граници на Бугарија и Романија од 1 јануари следната година

Советот на ЕУ се очекува да одобри укинување на последните проверки на шенгенските граници на Бугарија и Романија од 1 јануари следната година

Брисел, 12 декември 2024 (МИА) - Советот на ЕУ денеска се очекува претпладнево да гласа за одлуката за укинување на проверките на копнените шенгенски граници на Бугарија и Романија од 1 јануари следната година, јави БТА. Одлуката е поставена како прва точка на дневниот ред на состанокот на европските министри за внатрешни работи во Брисел.

Предлогот на унгарското претседателство со Советот на ЕУ на крајот на ноември доби прелиминарно одобрение од амбасадорите на земјите од ЕУ. На 30 декември минатата година беше прифатен предлогот на шпанското претседателство со Советот на ЕУ за укинување на воздушните и поморските граници во Шенген за Бугарија и Романија. Тогаш само Австрија беше против целосно укинување на шенгенските гранични проверки за двете земји и беше одлучено датумот за копнените граници да биде дополнително одреден.

Австрија во пресрет на денешниот состанок објави дека повеќе нема да наметнува вето, а холандската влада го информираше парламентот во Хаг дека се приклучува на едногласноста постигната во Советот на ЕУ.

Бугарија и Романија го чекаат нивното пристапување во Шенген од 2010 година. Според анализи на Бугарската академија на науките, одлуката што се очекува денеска, ќе има финансиски ефект за Бугарија од 1,63 милијарди лева годишно. зш/

Остани поврзан