• понеделник, 23 декември 2024

Словенечкиот ПЕН центар го именуваше Асанж за почесен член

Словенечкиот ПЕН центар го именуваше Асанж за почесен член
Љубљана, 13 јануари 2022 (МИА) - Словенечкиот ПЕН центар, член на Меѓународната асоцијација на писатели, поети и есеисти, го именуваше новинарот и публицист и основач на Викиликс Џулијан Асанж за почесен член, приклучувајќи се на меѓународната кампања за поддршка на активистот на кој му се заканува екстрадиција во САД.
Според соопштението на словенечкиот ПЕН, членовите на бордот на директори го избрале Асанж за почесен член со едногласна одлука и со надеж дека ќе придонесат за поширока меѓународна поддршка во неговите напори да дојде до слободата по судски пат.
„Џулијан Асанж е најхрабриот новинар и публицист во последните две децении, за што професионално плаќа исклучително висока цена. Да се ​​затвора некого само затоа што ја објавил вистината е спротивно на сите демократски правила засновани на слободата на говорот и новинарството како четврта гранка на власта“, се наведува во соопштението на словенечкиот ПЕН и се додава дека писмено ќе го извести Асанж за почесното членство кое ќе го испрати во затворот каде што се наоѓа сега.
Претседателката на словенечкиот ПЕН центар, Тања Тума, рече дека американскиот и англискиот ПЕН се многу посветени на Асанж.
„Осудувајќи го гонењето на Џулијан Асанж, го осудуваме прогонот на секој новинар и публицист во светот, вклучително и на словенските, кога тие се под притисок на влијателни луѓе кои би сакале да ја прикријат вистината“, велат членовите на словенечкиот ПЕН.
Во соопштението се додава дека се надеваат дека новиот закон за медиумски слободи, на кој се работи во Европската комисија, ќе ги заштити од гонење сите писатели и новинари.
Асанж беше уапсен во Лондон кон крајот на 2010 година поради објавување американски тајни документи поврзани со војната во Авганистан, но беше ослободен од притвор од страна на високиот суд, по што живееше во егзил во еквадорската амбасада седум години.
По политичките промени во Еквадор, каде дојде до смена на власта, нему му беше одбиено гостопримството во амбасадата на земјата во Лондон и беше уапсен, а се уште се соочува со висока затворска казна во САД, кои бараат негова екстрадиција. паг/
   

Остани поврзан