• петок, 22 ноември 2024

Следната недела се очекува финализирање на сите процедури за промена на раководството во М-НАВ

Следната недела се очекува финализирање на сите процедури за промена на раководството во М-НАВ

Скопје, 19 јануари 2024 (МИА) - Надзорниот одбор на М-НАВ го прифатил предлогот на Владата за именување на Хекуран Асани и Милан Кораќ за директори во компанијата на местото на досегашните директори Фахрудин Хамиди и Љубе Стаменковски. Информацијата за МИА ја потврдија од М-НАВ. 

Во понеделник се очекува Надзорниот одбор да одржи уште еден состанок на кој треба да се потпишат записниците од седницата по што одлуката заедно со документацијата ќе бидат испратени до Централниот регистар кој треба да ги впише Асани и Кораќ како нови директори. Заокружувањето на сите процедури се очекува да се финализира следната недела.

Разрешувањето на досегашните директори уследи по упадот во М-НАВ на 4 јануари. Обвинителството вчера соопшти дека се приведени и останатите тројца од вкупно осум лица осомничени за упадот во М-НАВ.

За упадот во М-НАВ, Основното јавно обвинителство Скопје отвори истражна постапка против осум лица за кои постои основано сомнение дека како соизвршители сториле кривично дело – Загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај според член 303 став 2 во врска со член 22 од Кривичниот законик. бак/вг/

Фото: МИА архива

Остани поврзан