• петок, 22 ноември 2024

Скопјани да фрлаат ѓубре во контејнерите, а не околу нив, апелира „Комунална хигиена“

Скопјани да фрлаат ѓубре во контејнерите, а не околу нив, апелира „Комунална хигиена“

Скопје, 26 јули 2024 (МИА) - Сите граѓани да се придржуваат до правилата за одлагање на комуналниот отпад, апелира ЈП „Комунална хигиена“, чии екипи денеска повторно интервенирале за расчистување дива депонија во населбата „Даме Груев“.

Секој отпад, според претпријатието, треба да се одлага исклучиво во контејнерите и да се избегнува оставање отпад околу контејнерите. На тој начин, ќе се придонесе за одржување на чистотата и уредноста на околината и ќе се спречи формирање нови сметишта и диви депонии.

Соработка на граѓаните, напоменува ЈП „Комунална хигиена“, е клучна за зачувување на чистата и здрава средина.

-И покрај редовното и континуирано празнење на садовите за комунален отпад според динамиката утврдена со Оперативната програма за собирање и транспортирање на комуналниот отпад, се соочуваме со сериозен проблем. На дневна основа се јавува тенденција за масовно одлагање отпад на јавни површини и формирање диви депонии, што сериозно ги загрозува животната средина и јавното здравје, наведува ЈП „Комунална хигиена“ - Скопје. 

Во текот на вчерашниот ден, како што се посочува, екипите на ЈП Комунална хигиена спровеле вонредна активност за расчистување дива депонија, создадена од непрописно одложен отпад на улицата „Лука Геров", во близина на градинката „Пампурче" во населбата „Даме Груев" во општина Ѓорче Петров.

-Оваа акција беше неопходна за враќање на јавната површина во претходната состојба и спречување на натамошно создавање слични проблеми, велат од претпријатието. мч/бак/

Фото: ЈП „Комунална хигиена“ - Скопје

 

 

Остани поврзан