• понеделник, 23 декември 2024

Скандалот „Онкологија“ го рашири вирусот на недоверба во здравството

Скандалот „Онкологија“ го рашири вирусот на недоверба во здравството

Скопје, 5 јануари 2024 (МИА) - Кога е здравството во прашање, се чини дека годинава што измина, меѓу другото, ќе ја паметиме по случајот „Онкологија“, кој го рашири вирусот на недоверба во здравството. Наводите за злоупотреба на лекови на Клиниката, предизвикаа реакции во јавноста и низа протести.

На почетокот од септември, со судска наредба, а врз основа на наводите изнесени во новинарски текстови, беа извршени претреси на Клиниката за онкологија и во два приватни стана. Притоа беа одземени компјутери и документација, кои потоа беа дадени на анализа и вештачење.

Министерството за здравство даде поддршка за акцијата на Обвинителството и полицијата, а премиерот Димитар Ковачевски истакна оти се работи за наводи што не смеат да се случуваат и повика да не се прави сензација и напад на сите доктори. Од страна на Владата, како што додаде, нема да има никакви интервенции во однос на заштита на кого било.

- Ова е првпат да биде спроведена ваква обемна акција за идентификување на можни сторители на вакви дела. Би сакал да повикам да не се прави сензација и напад на сите доктори и медицински сестри во државата, бидејќи најголемиот број од медицинскиот персонал којшто работи во нашата држава, се извонредни луѓе, кадри, што се грижат за здравјето на нашето население, нагласи премиерот.

И претседателот на државата Стево Пендаровски повика на брзо и ефикасно комплетирање на истрагата и на судско-обвинителско процесуирање без селективност, како и на соодветна казна за сите, за кои ќе биде докажано дека сториле тешки дела против здравјето на луѓето.

Актуелниот медицински директор на Клиниката, Виолета Клисаровска, исто така, апелираше час поскоро да се откријат виновниците за, како што рече, да се отфрли таканаречената колективна вина која се наведнува над целата институција, односно над целиот медицински тим, со што ја руши довербата пациент - лекар.

Што побрзо разрешување на случајот, побара и опозицијата.

- Јавноста ги знае, не може да ме убеди ниту мене, ниту било кој, дека тие кои ја водат истрагата, не ги знаат имињата на луѓето, кои се највиновни за тоа што се случувало на Онкологија во изминатиот период, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

На 2 ноември пак, Мицкоски на прес-конфренција кажа дека има нови сознанија за Клиниката за онкологија за периодот од 2021 до 2023 година. Се работело за огромна документација која, како што посочи, е добиена преку свиркачи. Побара да биде опфатен и споменатиот период.

- Сите наши сознанија ќе бидат доставени до Јавното обвинителство, рече Мицкоски.

Протести, обвинение против медицинска сестра, предистражна постапка

По наводите за злоупотреба на Клиниката, следуваа протести од кои беше испратена порака дека најважно е да се кажат имињата на инволвираните лица. Се бараше судска разрешница за сите инволвирани во случајот. Со порака „Правда за жртвите“ се протестираше и пред Владата и пред Јавното обвинителство во Скопје.

- За нас како онколошки пациенти, најважно е да се добијат имиња и презимиња на инволвираните лица, сѐ со цел да знаеме кои се и како да го продолжиме нашето лекување. На Онкологија, проблемот со терапии и термини е веќе долго време зборуван и потенциран од страна на пациентите, во последните недели добиваме информации од медиумите дека новата директорка и министерот веќе работат на одредени проблеми, но, само времето ќе покаже дали тоа навистина ќе се случи, беше кажано на еден од собирите.

Јавното обвинителство поднесе обвинение за „проневера“ против медицинска сестра од Клиниката за онкологија која се сомничи дека крадела цитостатици. Осомничената не беше достапна за органите на прогонот.

- Јавното обвинителство против неа поднесе два обвинителни предлози за кривични дела - „проневера“ во службата од член 354 од Кривичниот законик. Во текот на претходната постапка, Обвинителството обезбеди докази дека обвинетата, со намера да прибави противправна имотна корист за себе, присвоила поголем број ампули со различна намена во вкупна вредност од 59.760 денари кои ѝ биле доверени во службата. Ампулите ги изнесувала од работното место, а потоа ги оставала во автомобил со намера да ги предаде на друго лице, појаснија од Обвинителството.

Медицинската директорка на Онкологија, Клисаровска информираше дека медицинската сестра била фатена во повторен обид за кражба и оти е отстранета од работа. Таа работела во дневната болница и не била директно поврзана со подготовка на лековите.

Функционери и други лица пред Анкетна комисија

Во врска со скандалот, се формираше и собраниска Анкетна комисија. Одлуката за формирање на Анкетната комисија беше донесена на 20 септември.

Пред Комисијата сведочеа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, поранешните министри за здравство Венко Филипче, Беким Сали и Никола Тодоров, актуелниот министер Фатмир Меџити, поранешни и актуелни директори на Фондот за здравствено осигурување, како и други лица и функционери.

Членовите на Комисијата имаа по 30 дена за распит на сведоци и уште толку за разгледување документација.

Се дискутираше и по стенограмите и изјавите, документацијата, архивскиот материјал доставен од Клиниката, Министерството за здравство, Фондот за здравствено осигурување, Државниот санитарен и здравствен инспекторат и од Агенцијата за лекови и медицински средства - „МАЛМЕД“.

Случајот ги подели власта и опозицијата

Рокот за донесување заклучоци на собраниската Анкетна комисија беше до 3 декември. Пратениците од владејачкото мнозинство и опозицијата поради несогласувања, излегоа со различни заклучоци.

Претседателката на Комисијата, Рашела Мизрахи соопшти дека политичка одговорност е утврдена кај поранешниот министер за здравство Венко Филипче, тогашните медицински и економски директори на Онкологија, Нино Васев и Нехат Нухи, тогашната директорка на Државниот санитарен и здравствен инспекторат Ирина Сотирова Букова, како и тогашните директори на ФЗО, Стево Кртсевски и Фатон Ахмети, заради прекршување на уставните начела, непостапување согласно надлежностите пропишани во законите од областа на здравствениот систем, како и прекршување на позитивни прописи од подзаконските акти со што се уредуваат организацијата, работењето и контролата на здравствените установи.

Според Мизрахи, заклучоците немаат политички наратив и се однесуваат на одговорности, односно посочуваат лица кои го занемариле законот. За заклучоците на мнозинството, рече дека се многу општи.

- Сѐ уште сум во шок поради тоа што пратениците од мнозинството не сакаат да ја испочитуваат одлуката на пленумот, каде што се бара, доколку има, да се одреди политичка одговорност за лице со име и презиме. Оти во нашата одлука, член 2 став 2, стои утврдување на политичка одговорност на здравствени и други владини функционери, рече Мизрахи за МИА на 28 ноември.

Пратениците од СДСМ и коалицијата не се согласија со овие заклучоци кои, како што рекоа, се заклучоци само од членовите на ВМРО-ДПМНЕ. Тие доставија свои заклучоци со кои бараат од ОЈО под итно да ги расчисти сомнежите за злоупотреба на терапија на Клиниката за онкологија, како и потенцијалното негативно влијание врз здравјето и животот на пациентите. 

 - Постоеле долгогодишни системски слабости во функционирањето на Клиниката, констатирани и во извештаите на ДЗР за 2021, 2012 и 2008 година. Се констатира дека до 2017 година не била набавувана современа иновативна терапија за лекување на пациентите на Клиниката. Измените на Законот за здравствена заштита со кои се дозволува увоз на лекови без сертификат за квалитет од земји надвор од ЕУ преставувал потенцијална опасност од увоз на лекови со сомнително потекло, е дел од тоа што се наведува во заклучоците.

Меѓу предложените заклучоци се и „да не се набавува опрема, без соодветен функционален систем и без обезбеден простор и персонал за работа, а опремата и апаратите што се во функција, веднаш да се стават на располагање на пациентите“.

На 15 декември, прашан до каде е случајот со Онкологија во Обвинителство, министерот Меџити повторно повика на негова разрешница.

- Повторно повикувам, Обвинителството веќе навистина е крајно време и тие самите да се тргнат од тој товар дека правниот систем не функционира во државата. Нека повелат господата и нека излезат со конкретен одговор и да се знае еднаш засекогаш кој е виновен, подвлече министерот.

Тој рече дека како член на Владата, верува во системот на државата.  

Додека се чека епилог за случајот, често може да се слушне дека здравиот човек има милион желби, а болниот само една, да оздрави. Надежта секогаш умира последна. Ако е така, во новата година посакуваме многу подобро здравство од минатото, за повторно да се врати изгубената доверба во белите мантили.

Блаже Дарудов

Фото: МИА архива

Остани поврзан