• петок, 22 ноември 2024

Сиљановска Давкова - Тајани: Италија е наш важен политички и економски партнер

Сиљановска Давкова - Тајани: Италија е наш важен политички и економски партнер

Скопје, 10 септември 2024 (МИА) - Можностите за унапредување на соработката на билатерален и меѓународен план, тековните состојби во однос на македонскиот пристапен процес за членство во Европската Унија, како и актуелните случувања во регионот, биле теми на разговор на средбата на Претседателката Гордана Сиљановска Давкова со италијанскиот министер за надворешни работи, Антонио Тајани.

Соговорниците, како што информираат од Кабинетот на претседателката, изразиле задоволство од активниот и континуиран политички дијалог, којшто е потврда на традиционално добрите и пријателски односи меѓу двете земји.

Истакнувајќи дека членството во Европската Унија е наш стратешки приоритет, Сиљановска Давкова изразила благодарност за континуираната поддршка од Италија на македонските евроинтеграции и доследното застапување на политиката на проширување на Европската Унија.

Во интерес на стабилноста, просперитетот и економскиот раст, претседателката Сиљановска Давкова ја потенцираше неопходноста од забрзување на пристапувањето кон ЕУ и изрази очекување дека со помош и силна поддршка од нашите вистински пријатели, земјава ќе успее полесно да го изоди европскиот пат.

Во таа насока, претседателката ја потврди посветеноста на исполнување на реформската агенда, одржување на добрососедските односи и активна регионална соработка.

Потенцирајќи дека Италија е наш важен политички и економски партнер, претседателката Сиљановска Давкова, се вели во соопштението, изразила очекување за унапредување на економската и трговската соработка меѓу двете земји и натамошно дополнително јакнење на безбедносната соработка во рамки на НАТО Алијансата.

Сиљановска Давкова ја истакна подготвеноста и за унапредување на соработката преку културната и јавната дипломатија и ја посочи можноста за соработка со италијанските региони во областите на туризмот, младите и спортот, како и во областа на креативните индустрии. аа/ев/

Фото: Кабинет на претседател

Остани поврзан