Сиљановска-Давкова ги прими акредитивите на новоименуваниот амбасадор на Швајцарија, Кристоф Зомер
- Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Швајцарската Конфедерација, Кристоф Зомер.
Скопје, 6 ноември 2025 (МИА) - Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Швајцарската Конфедерација, Кристоф Зомер.
Соговорниците, како што соопштија од Кабинетот на претседателката, ја оцениле тридецениската соработка како пријателска и плодна, изразувајќи решеност и подготвеност за нејзино проширување и продлабочување.
Претседателката Сиљановска-Давкова му се заблагодарила на швајцарскиот амбасадор за континуираната поддршка на македонската евроинтеграција. Исто така, таа и оддала признание на Швајцарија за бројните и вредни донации во областа на заштитата на младите и жените, животната средина, како и во зајакнувањето на инклузивноста и одговорноста.
За швајцарскиот амбасадор, како што е наведено во соопштението, стоилјадната македонска дијаспора е вреден и почитуван актер во швајцарското општество.
Мултилатералната соработка, особено врзана за кандидирањето на престижни позиции, Сиљановска-Давкова и Зомер ја сметаат за корисна, конструктивна и успешна. дма/сст/
Фото: Кабинет на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова