• петок, 22 ноември 2024

Синдикална организација при МАНУ: Продолжуваме со поставување таргетирани прашања

Синдикална организација при МАНУ: Продолжуваме со поставување таргетирани прашања

Скопје, 11 април 2024

Колку повеќе се тактизира со молчењето пред јавноста (најверојатно поради приоритизирање на „пресметките“ во пресрет на претстојниот изборен процес на нови членови во МАНУ) толку е поголема решителноста на Синдикалната организација при МАНУ, поради континуираниот притисок зад затворени врати, да продолжи со поставување таргетирани прашања, верувајќи дека некои од нив ќе бидат доволно обврзувачки за да се разбудат засегнатите структури од летаргичноста за сè што се случува во институцијата.

1. Зошто раководните структури, во меѓусебните односи, со потценување и пониско ги вреднуваат интегритетот на личноста, стручноста и компетентноста, како и образованието на вработените во Секретаријатот и стручните единици на МАНУ, а наспроти тоа овие елементи ги пронаоѓаат и таму каде што ги нема кај своите пулени, одгледувајќи ги во расадникот на МАНУ како идни академици? Зар мислите дека откако паднаа маските за многу прашања во МАНУ, вработените ќе молчат и понатаму, без да побараат одговорност за ваквите дискриминирачки постапки кои немаат каква било легитимност? Или, сепак, подучени од последните случувања во институцијата, оценети од раководните структури како нечии извонредно интелигентни и промислени потези, и вработените треба својата стручност и компетентноста да ги докажуваат на идентичен начин, постапувајќи против интересите на МАНУ и поткопувајќи го нејзиниот општествен статус? 

2. Дали одговорот на прашањето зошто пулените на моќниците воопшто не ги погоди фијаското на Предлог-законот за МАНУ, се крие во стекнатите нелегитимни привилегии и права редовно да остваруваат дополнителни приходи за извршени услуги во други институции во текот на работното време во МАНУ (кое, всушност, е особено дискутабилно и заслужува посебен простор за дискусија) како институција во која се вработени? Зар новиот тренд на избор на академици од редовите на привилегираната категорија вработени во МАНУ, кои истовремено го задржуваат статусот на вработени лица во МАНУ, примајќи и плата и академска награда, беше главниот мотив да се премолчи неправдата што им беше нанесена на сите вработени?

3. Дали зад де јуре критериумите за избор на нови членови во МАНУ, де факто се кријат нечии „ситни“ лукративни интереси кои се исполнуваат со инструментализирање на привилегираната категорија вработени, во рамките на проектната активност на МАНУ, надвор од пропишаните акти, по принципот на заемна услужност (добивка визави статус на член на МАНУ), така што актуелните членови на МАНУ, по своја волја, се ставаат во подредена позиција во однос на своите ученици? Оттука, непосредно пред почетокот на изборниот процес за членови во МАНУ, прашуваме: Зар членовите на МАНУ, со протежирање на ваков модел на однесување, не сметаат дека ги ставаат во нерамноправна положба кандидатите за членови на МАНУ однадвор наспроти оние однатре? А друго е прашањето, пак, колку е легитимно да се избираат членови на МАНУ од редот на редовно вработените во неа? 

 

4. ...

5. ...

6. ...

   ...

МАНУ наместо да биде знаменосец на вредностите за обезбедување еднаквост и спречување и заштита од дискриминација во остварувањето на човековите права и слободи, како и транспарентност во работењето, таа како институција практикува недемократски методи и селективен пристап.

Силни ветришта ќе го одвеат јарболот на МАНУ, а одговорноста како квалификатив очајно се префрла како штафета од рака в рака низ структурите на МАНУ наместо тие достоинствено и гордо да го развеат знамето на мудроста и одлучноста.

                                                                                             

Синдикална организација при МАНУ

________________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

 

Фото:

Остани поврзан