Синајскиот манастир Света Катерина во фокусот на средбата Герапетритис – Абделати
- Билатералните односи, нелегалната, но и легалната миграција, случувањата на Блискиот Исток, ситуацијата во Газа, како и статусот на Синајскиот манастир Света Катерина, беа во фокусот на средбата на министрите за надворешни работи на Грција и Египет Јоргос Герапетритис и Бадр Абделати, јави дописничката на МИА од Атина.
Атина, 6 август 2025 (МИА) – Билатералните односи, нелегалната, но и легалната миграција, случувањата на Блискиот Исток, ситуацијата во Газа, како и статусот на Синајскиот манастир Света Катерина, беа во фокусот на средбата на министрите за надворешни работи на Грција и Египет Јоргос Герапетритис и Бадр Абделати, јави дописничката на МИА од Атина.
Герапетритис и Абделати на заедничката прес-конференција во грчкото МНР се осврнаа на темите за кои разговараа на нивната денешна средба што е точно пет години откако на 6 август 2020 година двете земји го потпишаа договорот за одредување на Ексклузивните економски зони, а шефовите на двете дипломатии ја истакнаа одличната соработка меѓу Грција и Египет.
Министерот за надворешни работи на Грција посочи дека двете земји се столб на стабилност и пример за односи во особено чувствителниот регион, како што е Источниот Медитеран, со кризи и сложени предизвици, додека пак неговиот египетски колега се осврна и на договорот меѓу двете земји за легална миграција, односно за покривање на потребите на Грција со сезонска работна сила од Египет.
Во однос на манастирот Света Катерина на Синај, Абделати рече дека имале транспарентна и искрена дискусија и откри дека наскоро „ќе се слави договорот што ќе се постигне меѓу египетските власти и манастирот со присуство на претставници од Египет и Грција“ и истакна дека „манастирот ќе продолжи со нејзината историска улога како мост меѓу двете земји“.
Герапетритис рече дека дискусијата за правниот статус на манастирот била многу продуктивна и дека нивната заедничка намера е манастирот да го продолжи 15 вековниот непречен статус кво и дека од неговиот египетски колега добил уверување дека нема да виде нарушен континуитетот на православниот карактер на манастирот. ср/
Фото: Министерство за надворешни работи на Грција