• петок, 22 ноември 2024

Силјановска Давкова од Тетово: Легитимитетот извира од граѓаните и ним им припаѓа

Силјановска Давкова од Тетово: Легитимитетот извира од граѓаните и ним им припаѓа

Тетово, 12 април 2024 (МИА) - Во Тетово ВМРО - ДПМНЕ вечерва организираше митинг на кој се претстави претседателскиот кандидат Гордана Силјановска - Давкова и нејзината кампања „Македонија повторно горда“. Претседателската кандидатка Силјановска - Давкова истакна дека транзицијата во државата е една од најдолгите и претставува маратон без крај и дека треба да се поработи на европските стандарди.

-Извештаите покажуваат дека со оваа власт може да продолжиме само во циклично движење во еден хибриден режим, таков систем во кој има избори, има институции, ама институциите се слаби, изборите не се секогаш фер и демократски, ама најмоќните се премоќни. Секоја моќ се заканува да ве корумпира, апсолутната моќ ги расипа оние на врвот во сите институции. Згора кога на клучните позиции се најдоа луѓе без дигнитет, без авторитет, логично е-тие се опкружија со слични на нив, не со слични на вас. Затоа е заразна е корупцијата и криминалот, стана системска, рече Силјановска Давкова.

Тогаш, продолжи таа, имаме формални носители на власта и вистински носители на власта.

-Тие одлучуваат кој на кое место ќе дојде, по послушноста до нив. Ќе бидеме европјани кога во оваа држава ќе има стандарди во владеењето на правото, во човековите слободи и права. Во заштитата на малцинските права, кога владеењето на правото ќе овозможи добра економија, кога ние ќе создадеме амбиенти за либерална економија, истакна Силјановска Давкова.

Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ упати прашања до Пендаровски во врска со тоа какви планови „ковал во вила Водно со Артан Груби, Димитар Ковачевски и Али Ахмети пред неколку месеци поврзано со Кривичниот законик“.

-Овој чесниот Стево Пендаровски добро е да каже што правеше и какви планови коваше во вила Водно во присуство на Артан, Ковачевски и Ахмети пред неколку месеци поврзано со измените на Кривичниот законик и евентуална можна амнестија на поранешни политичари. Со која цел? Со цел да поминат на шверцерски начин уставните измени и да се прифати бугарскиот диктат, но истовремено да се амнестираат поранешни политичари кои ќе му нанесуваат штета или ќе имаат обид да му нанесат штета на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата Твоја Македонија. Стево Пендаровски треба на ова да одговори па потоа да дискутираме дали ќе одиме на дебата или нема да одиме од која патем кажано денес Стево како најголем кукавица избега, рече Мицкоски.

Според него, секој еден граѓанин треба да знае дека, гласот за Стево е глас за Артан, Али, Талат и Ковачевски.

-Гласот за Стево Пендаровски е глас за тврдењето дека Гоце Делчев бил Бугарин, дека е глас за прифаќање на бугарскиот диктат и прифаќање на сите штетни политики за државата, рече Мицкоски, на денешниот митинг во општина Тетово во рамки на претседателската кампања.

Носителката на листата со кандидати за пратеници од ИЕ6, Дафина Стојаноска истакна дека на Македонија и е потребен претседател како професорката Гордана Силјановска Давкова која беспрекорно ги знае законите и принципите на владеење ги гради врз нив, а воедно упати и порака до кандидатката за претседателка да нема милост кон неправдата.

-Вашата харизма и аргументираност со особено внимание ја следеле многу светски политичари и експерти. Токму тие квалитети ѝ се потребни на Македонија. Вашата целосна посветеност на правото е неопходна за ставање на Македонија во рамките на негово владеење. Без правен систем не може да функционира ниту еден друг. Нè воведоа во еден таков хаос, од кој само Вие можете да нè извлечете. Вие имате прецизни аргументи, добра понуда од програма, силна желба за промени и одлучност истите да ги спроведете, порача Стојаноска. ас/ев/

ФОТО: ВМРО - ДПМНЕ 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан