• вторник, 17 декември 2024

„Силно и одлучно кон иднината” – серија трибини на СДСМ со граѓаните

„Силно и одлучно кон иднината” – серија трибини на СДСМ со граѓаните
Битола, 25 октомври 2022 (МИА) - СДСМ од Битола ја започна серијата граѓански трибини, на кои отворено се разговара за мерките и политиките на СДСМ. Претседателот на владејачката партија Димитар Ковачевски, пред битолчани ги презентираше досегашните преземени мерки, идните политики, како и концептот за визијата и иднината на Северна Македонија. -Мојата визија е економски силна и стабилна држава, полноправна членка на ЕУ. Членство во ЕУ до 2030 година со заштитен македонски јазик и идентитет. На тоа сум посветен, на тоа работам. Да бидеме горди Македонци во ЕУ, да седиме на големата маса во Брисел рамноправни, силни и побогати од денеска. Се грижиме за граѓаните и за стандардот, но и гледаме напред, за нашите деца да можат горди и со крената глава да ја градат својата иднина дома, во земја членка на ЕУ.  Затоа, заедно со вас силно и одлучно кон иднината, истакна претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски. Пред битолчани, лидерот на СДСМ потенцираше дека опозицијата е заглавена во криминалната матрица, без државнички капацитет на кои поважно им е пласирањето на фабрикувани невистини, за наводна асимилација, бугаризација и за загрозување на идентитетот, организирање насилни протести, со единствена цел за исполнување на нивните лични интереси. -Ние имаме одговорен, државнички пристап во време на светска економска и енергетска криза.  Тоа е дијаметрално различен пристап од пристапот на ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски кој гласи - кочење и блокади. Јавноста треба да знае дека во ек на светска криза ВМРО-ДПМНЕ во Собранието се уште кочи 50-тина закони важни за државата, за граѓаните, за економијата, за енергетиката. 100 милиони евра финансиска поддршка за АД ЕСМ, кочи ВМРО-ДПМНЕ во Собранието, се кочат и други законски решенија кои значат поддршка за граѓаните. СДСМ е одговорна и државотворна партија, но во македонското Собрание треба сите да работат во интерес на граѓаните. Блокадите не му носат добро на никого, нагласи Ковачевски и предочи дека лажни се информациите од ВМРО ДПМНЕ дека ќе се затворале ТЕЦ Неготино или РЕК Битола, тоа е дел од нивната политичка матрица на постојано ширење невистини. На граѓанската трибина која беше од интерактивен карактер, првиот човек на СДСМ на прашање на присутните одговори за тоа како и каде ја гледа Битола во наредните пет години. -Инфраструктурно Битола мора да има современи патни правци на сите страни и затоа Битола е вклучена во проект со кој ќе почне изградбата на автопат од Битола до Прилеп. Во работа е воведен и изведувач за патниот правец Битола-Меџитлија бидејќи ја поврзува нашата земја со Грција. Завршена е железничката пруга Битола-Кременица е завршена и е направен технички прием и наскоро ќе ја пуштиме во употреба. За пет години ние инвестиравме 1,7 милиони евра во инфраструктура, а за локални патишта на располагање се 1,4 милиони евра и затоа ги поттикнувам од општината да аплицираат за овие средства, рече претседателот на СДСМ, Ковачевски и јавно ја потврди својата досегашна и идна поддршка на индустријата и проектите од стретагиско значење за Битола. Учесниците на вечерашната трибина во Битола беа поздравени и од домаќинот и организатор на собирот, претседателот на ОО на СДСМ Битола, Драган Крајовски. Во организација на СДСМ денеска трибини имаше во Општина Новаци, Ресен и Демир Хисар. мт/аа/

Остани поврзан