• сабота, 21 декември 2024

СЗО: Повеќе од осум милиони луѓе се болни од туберкулоза

СЗО: Повеќе од осум милиони луѓе се болни од туберкулоза

Лондон, 29 октомври 2024 (МИА) – Светската здравствена организација денеска објави дека повеќе од осум милиони луѓе се заразиле со туберкулоза, што е најголем број откако здравствената агенција на Обединетите нации почнала да води евиденција.

Околу 1,25 милиони луѓе починале од туберкулоза минатата година, според новиот извештај, во кој се додава дека туберкулозата најверојатно ќе се врати како „најголемиот убиец во светот“ од заразните болести, откако беше заменета со КОВИД-19 за време на пандемијата на коронавирус.

Смртните случаи се речиси двојно повеќе од бројот на луѓе кои починале од ХИВ во 2023 година.

СЗО соопшти дека туберкулозата најмногу ги погодува луѓето во Југоисточна Азија, Африка и Западен Пацифик.

- Фактот што туберкулозата продолжува да убива толку многу луѓе е застрашувачки, кога имаме алатки да ја спречиме, откриеме и лекуваме, рече генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус.

Сепак, бројот на смртни случаи од туберкулоза продолжува да се намалува во светот, а бројот на нови инфекции почнува да се стабилизира.

СЗО соопшти дека од 400.000 луѓе за кои се проценува дека имаат туберкулоза отпорна на лекови минатата година, помалку од половина биле дијагностицирани и третирани.

Туберкулозата е предизвикана од бактерии кои се пренесуваат преку воздух кои главно ги зафаќаат белите дробови.

Се проценува дека околу една четвртина од светската популација има туберкулоза, но само околу 5 до 10 проценти од нив развиваат симптоми.

Добротворната организација „Лекари без граници“ долго време ја повикаше американската компанија „Цефеид“, која произведува тестови за туберкулоза што се користат во посиромашните земји, да ги направи достапни за 5 долари по тест за да го зголеми пристапот.

На почетокот на овој месец, Лекари без граници и 150 глобални здравствени организации испратија отворено писмо до Цефеид во кое ги повикуваат да „дадат приоритет на животите на луѓето“ и итно да помогнат во спроведувањето на тестирањето за туберкулоза ширум светот. јт/

 

Остани поврзан