• понеделник, 23 декември 2024

СЗО/Европа: 32 отсто од седумгодишните деца во Северна Македонија со зголемена телесна тежина, 15 проценти дебели

СЗО/Европа: 32 отсто од седумгодишните деца во Северна Македонија со зголемена телесна тежина, 15 проценти дебели
Скопје, 8 ноември 2022 (МИА) - Вкупно 32 отсто од децата на седумгодишна возраст во Северна Македонија се со зголемена телесна тежина, а 15 проценти се дебели, покажува најновиот Извештај на СЗО/Европа за следење на дебелината кај децата. Според Извештајот, зголемената телесна тежина заедно со дебелината е еднакво дистрибуирана и кај машките и кај женските деца, но има разлика од пет отсто меѓу машките и женските кога е во прашање само дебелината (17,5 спрема 12,2 процента). Во споредба со претходниот круг на собирање податоци во 2016 година, има зголемување на зголемената телесна тежина и дебелина кај девојчињата за скоро два отсто, додека кај машките стагнира. -Кога станува збор за исхраната и физичката активност, податоците од извештајот покажуваат дека 77 отсто од децата на 7-годишна возраст во Северна Македонија појадуваат секој ден. Речиси сите (87 отсто) деца се физички активни најмалку еден час надвор од училиште, а 66 проиценти активно одат во училиште (не се пренесени со моторно возило до училиштето). Од друга страна пак, извештајот покажува дека 57 отсто од децата воопшто не посетуваат спорт или танцување, а 38 проценти консумираат безалкохолни пијалаци со додаден шеќер (второ највисоко ниво во Европа), се наведува во Извештајот. Дебелината кај децата од европскиот регион на СЗО и понатаму е на високо ниво. Вкупно 29 отсто од децата се соочуваат со зголемена телесна тежина или дебелина. Намалување на зголемената телесна тежина и на дебелината има само во три земји: Малта, Сан Марино и Италија. -Проблемот со зголемена телесна тежина и дебелина кај децата претставува закана по здравјето во европскиот регион на СЗО и се поврзува со голем број незаразни болести (НЗБ), од кардиоваскуларни заболувања, па сè до дијабетес и канцер. Денес, едно од три деца на училишна возраст во регионот се соочува со проблемот на зголемена телесна тежина или дебелина, а стапките се во пораст во голем број земји. За да се најдат подобри решенија за овој проблем, потребни се квалитетни податоци, се посочува во Извештајот. Податоци од 33 земји од европскиот регион на СЗО Севкупно, 29 отсто од децата на возраст од 7 до 9 години во земјите учеснички во истражувањето се соочуваат со проблемот на зголемена телесна тежина (вклучително и дебелина). Преваленцијата е поголема кај момчињата (31 отсто) отколку кај девојчињата (28 проценти). -Наодите покажуваат дека и понатаму едно од три деца се соочува со проблемот на зголемена телесна тежина или дебелина. Мора побрзо да делуваме во насока на намалување на овие бројки. Итно ни се потребни подобри политики кои може да ни помогнат да ги промениме актуелните трендови на дебелина кај децата – особено по пандемијата на КОВИД-19 која се смета за опасен двигател на нивоата на зголемена телесна тежина и дебелина, вели д-р Кремлин Викрамасинге, вршител на должност, шеф на европската канцеларија на СЗО за превенција и контрола на НЗБ, којашто го изработи Извештајот. Во споредба со претходниот извештај (2015-2017), новиот бележи статистички значително намалување на преваленцијата на зголемената телесна тежина меѓу момчињата и девојчињата на Малта, меѓу момчињата во Сан Марино и меѓу девојчињата во Италија, како и намалување во нивоата на дебелината кај момчињата во Сан Марино и кај девојчињата на Малта. Од првото издание во 2007-2008 година па наваму, податоците на COSI покажуваат надолен тренд во однос на преваленцијата на прекумената телесна тежина во Грција, Италија, Португалија, Шпанија и Словенија. И покрај надолниот тренд, преваленцијата на зголемена телесна тежина и дебелина во овие земји, особено во Јужна Европа, и натаму е меѓу највисоките во регионот. СЗО/Европа го претстави новиот петти по ред извештај на Иницијативата за следење на дебелината кај децата (COSI). Наодите во него се засноваат на најновите податоци собрани во периодот помеѓу 2018 и 2020 година во 33 земји од европскиот регион на Европа. Измерени беа речиси 411 000 деца на возраст од 6 до 9 години. мч/дма/  

Остани поврзан