• понеделник, 23 декември 2024

Се решава проблемот со водоснабдувањето во штипската населба Баби

Се решава проблемот со водоснабдувањето во штипската населба Баби

Штип, 14 мај 2024 (МИА) - Штипското комунално претпријатие „Исар“ работи на решавање на проблемот со водоснабдувањето во населбата Баби, изјави денеска директорот на ЈП „Исар“-Штип, Кирил Зајков. Посочува дека со градежните зафати на Водоводна линија 1, жителите на штипската населба Баби нема да бидат први на удар во текот на летниот период и при секој настанат дефект да останат без вода за пиење. Во меѓувреме во завршна фаза е замената на водоводната и канализациона мрежа на улицата „Широк Дол“ и во наредниот период се очекува да започне асфалтирање на улицата.

-Првата локација на која работиме е во населбата Баби – проект за директно поврзување со Линија 1 на населбата Баби. Со ова нова линија населба Баби директно ќе биде поврзана со водоснабдување на главната линија 1. Дополнително како Јавно претпријатие работиме на реконструкција, односно целосна замена на водоводната и канализациона мрежа на улицата Широк Дол, вели Зајков.

Тој додава дека освен активности на ЈП „Исар“, на терен се реализираат и проекти на општината, со цел да се завршат работите под земја и да се започне со активности видливи за граѓани, но и проблеми кои трајно ќе бидат решени.  Зајков истакна дека во моментот има населби кои во текот на денот се  без вода за пиење,но повика на трпение со цел да се стави крај на проблемите кои се стари, а се поврзани со водоснабдувањето во градот.

-Она што во текот на овој ден се врши е приклучување на веќе изведената нова линија на улицата „11 Октомври“. Тоа е проект кој го работи Општина Штип во соработка со ЈП „Исар“. Се надеваме дека во текот на денот ќе завршат сите активности, рече Зајков.

Во меѓувреме тековно работат и екипите на работната единица „Паркови и зеленило„, а активности имаат во централното градско подрачје, населбата Дузлак, коритото на река Отиња и на  булевар „Партизанска“. вдј/лв/

Фото: МИА 

 

Остани поврзан