• понеделник, 23 декември 2024

Се работи на усогласување на домашната регулатива во делот на социјалните медиуми со европската

Се работи на усогласување на домашната регулатива во делот на социјалните медиуми со европската
Скопје, 10 ноември 2022 (МИА) - Законската регулатива на Северна Македонија е 100-процентно усогласена со Европската директива за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Преостанува делот за социјални медиуми, кои во моментов не се опфатени со регулација, а кој е уреден со измените на Европската директива од декември 2018 година за што во тек е изработка на драфт верзија која треба да биде готова во октомври следната година, изјави денеска директорот на Агенцијата за аудио визуелни медиумски услуги Зоран Трајчевски. - Со изменетата директива од декември 2018 година, Македонија треба да го усогласи законодавството и тоа опфаќа повеќе сфери коишто во моментов не се дел на регулација. Тоа се повеќе видео - шеринг платформите и социјалните мрежи, односно социјалните медиуми. Во таа насока од ЕК преку ТАИЕКС проект се понудени, односно веќе работат експерти од земји членки на ЕУ во усогласување на македонската медиумска регулатива со изменетата Директива за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, изјави Трајчевски на новинарско прашање во контекст на ЕУ-реформите во областа на медиумите по отворањето на регионална конференција по повод 25 години од формирањето на Советот за радиодифузија, чиј правен наследник е АВМУ. Тој појасни дека проектоет започнат во септември годинава треба да заврши во септември следната година, кога треба да има драфт верзија на Законот за медиуми, Законот за АВМУ усогласен со изменетата директива, но и со законите коишто го допираат медиумскиот простор. Тука се и Изборниот законик и други закони коишто имаат допирна точка со медиумскиот простор. -Очекуваме следната година во октомври да имаме драфт верзија која што ќе продолжи во владина и собраниска процедура на усвојување. Со тоа законската регулатива во областа на медиумите ќе биде целосно усогласена со европската регулатива, вели Трајчевски.   На регионалната конференција во Скопје учествуваат земји членки на ЕУ, Хрватска,Словенија и Бугарија, како и земјите од регионот, Црна Гора, Србија, Косово, Албанија, БиХ и Северна Македонија. Темата е зајакнување на независноста на регулаторите и нивната улога во општествата во развојот на демократските процеси во сите општества, како и зајакнување на регионалната соработка и заеднички настап во европските институции, со цел  позначајно присуство и видливост на регионот во ЕУ и пошироко во рамки на регулаторната платформа ЕПРА која што ги опфаќа сите земји од Европа. вг/лв/

Остани поврзан