• вторник, 19 ноември 2024

Се очекуваат до 2.500 заболени, Филипче апелира граѓаните сериозно да се придржуваат до мерките за заштита

Се очекуваат до 2.500 заболени, Филипче апелира граѓаните сериозно да се придржуваат до мерките за заштита
Скопје, 16 април 2020 (МИА) - Околу 2.000 - 2.500 заболени очекува министерот за здравство Венко Филипче во пикот од коронавирусот што допрва ќе ја зафати земјава. Тој вечерва на прес-конференцијата што првпат ја одржа онлајн зашто од денеска е во самоизолација, уште еднаш апелира до граѓаните да бидат дисциплинирани, да не се групираат и строго да се придржуваат до мерките за заштита. Одговорајќи на новинарски прашања, Филипче потенцира дека ризикот за зараза од вчерашниот состанок во Куманово е многу мал, бидејќи сите носеле маски. Немало, истакна, информација дека на членовите на Општинскиот кризен штаб им бил земен брис и дека се очекувале резулатати. Ако го знаеле тоа,  поинаку ќе се организирале. Филипче информира дека Комисијата за заразни болести утре, во 8:30 часот наутро, на состанок ќе го разгледа барањето за воведување карантин во Куманово. Според него, прашање е колку оваа мерка би била ефикасна со оглед дека околу 4.000 жители на Куманово работат во Скопје и патуваат секој ден. Соопшти и дека ако има потреба, сите 18 пациенти од инфективното одделение во Куманово ќе бидат префрлени во Скопје. Но, засега, според информациите од вчерашниот состанок со раководството на кумановската болница, сé се одвива во најдобар ред. Министерот рече и дека постапката за респираторни машини ја добиле две компании. Едната, рече, носи респиратори од Јужна Кореа, а другата од Германија. Утре сите детали ќе бидат објавени на веб страницата на Министерството за здравство. -Тешко е да се предвиди процентот на заразени пациенти со коронавирусот кои направиле тестирање, но досега се движеше меѓу 10 и 20 отсто од направените тестови. Очекуваме добри резултати периодов од рестриктивните мерки. Ова е втор изолациски викенд, следниот ќе биде трет, поради што очекуваме да видиме резултати од сето тоа. Во однос на маркетите, сметам дека може да се организира работата. Ние разговараме активно и наскоро ќе излеземе со информација за потребата да се носи покривка на устата и на носот, а тоа може да биде шал или марама како надполнување на социјалната дистанца и заштита на граѓаните, наведе Филипче. На прашањето зошто здравствените работници често заболуваат, одговори дека тие имаат најблизок контакт со пациентите. - Има повеќе сценарија на нивно заразување. Еднаш не се свесни дека имале пациент, еднаш се сигурни дека тестот на пациентот е негативен, се заразиле надвор од работно место,..., рече министерот. Информира и дека е во финална фаза постапката за лечење со антитела. Лекот од Јапонија е побаран како донација од јапонската амбасада. Заштитна опрема за матичните лекари има, обезбедени се 100.000 маски и повеќе тони алкохол. За состојбата во Тетово деновиве ќе се одлучува - од здравствен аспект, од аспект на транспортот и економска помош. Жариштето е во една амбулатна во Боговиење каде има тројца заблени, 10 дијагностицирани и 156 во изолација. Овој дел од Полошко, според Филипче, е целосно под контрола. Министерот претходно апелира дека за Велигденските празници не смее да има какви било групирања и дека граѓаните мора да се држат до препораките за заштита од коронавирусот. Влегуваме, напомена, во најкритичната фаза поради што ситуацијата мора да се сфати многу сериозно. Филипче ја одржа прес-конференцијата од дома, онлајн, преку јутјуб каналот, а таа пракса, напомена, како и комуникацијата со соработниците ќе продолжи додека е потребно. Напомена дека иако е во самоизолација, редовно ги извршува своите обврски и работата продолжува непречено да тече, со несмалено темпо. мч/дма/

Остани поврзан