• понеделник, 23 декември 2024

Се асфалтира пристапниот пат кон новите градски гробишта во Крива Паланка

Се асфалтира пристапниот пат кон новите градски гробишта во Крива Паланка
Крива Паланка, 24 февруари 2022 (МИА) - Во тек е асфалтирање на пристапниот пат кон новите градски гробишта во Конопница, Крива Паланка.
Увид во градежните работи на терен денеска извршија градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, претседателката на Советот на Општина Крива Паланка, Изабела Павловска, општинските служби и директорот на јавното претпријатие„Комуналец“ Миле Марковски.
- Ова е проект што по подолг временски период решава еден горлив проблем на сите граѓани,  токму пред Задушница, за достоинствено одбележување на деновите во знак на сеќавање на покојните. Проектот  е вреден 198 илјади евра, средства обезбедени преку кредит од Светска банка, преку Министерството за транспорт и врски, со договор за поврзување локални патишта од 2019 година и Меморандумот за соработка помеѓу Општина Крива Паланка и Министерство за транспорт и врски, во согласност со процедурите за реализирање проекти финансирани од Светска Банка, изјави градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски.
За целокупната траса, како што рече, изготвен е и сообраќаен проект за хоризонтална и вертикална сигнализација. Покрај градежни активности на патот, ќе се изградат и потпорни ѕидови, а по викендот ќе се асфалтира и паркингот на оваа локација.
Тој истакна дека задачата на локалната власт е да работи на подобрување на условите во сите сегменти од општественото живеење.
-За подобра и развиена општина во истиот овој период  се одобрени повеќе проекти за изградба на патишта и улици. Секојдневно, посветено и неуморно работиме на подобрување на условите и продолжуваме со несмалено темпо  во следниот период, додаде Митовски. ид/мд/

Остани поврзан