• недела, 26 јули 2026

Серафимовски во Кавадарци: Килограм „вранец“ ќе се откупува за 21,8 денар, а „смедеревка“ за 20

Серафимовски во Кавадарци: Килограм „вранец“ ќе се откупува за 21,8 денар, а „смедеревка“ за 20

Кавадарци, 15 јули 2026 (МИА) - Килограм „вранец“ ќе се откупува за 21,8 денар, а „смедеревка“ за 20 - новиот министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски, денеска, ги соопшти откупните цени за грозјето во кавадаречкото село Сопот. 

- Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ја утврдува производната цена на винското грозје за двете најзастапени сорти во согласност со Законот за виното и методологија за пресметка на трошоците за производство на килограм винско грозје на определена површина и соодветен квалитет. Во согласност со законските одредби, Министерството преку јавен конкурс избра научна институција, која ја спроведе пресметката на производната цена. Врз основа на спроведените теренски истражувања, анкети, сондажи и анализа на производните трошоци, Земјоделскиот институт - Скопје ја изготви пресметката на производната цена за најзастапените сорти винско грозје - појасни министерот Серафимовски во изјава за медиумите.

Серафимовски појасни дека откупната цена за најзастапените црвена и бела винска сорта грозје е всушност добиена откако за 25 проценти е зголемена производствената цена. При пресметката биле земени предвид сите релевантни производни параметри, вклучително и трошоците за агротехнички мерки, заштита, прихрана, работна сила, механизација, репроматеријали и други фиксни и варијабилни трошоци во согласност со методологијата.

- Производната цена е утврдена врз основа на реални податоци добиени преку теренски анкети и анализи на репрезентативен примерок на лозарски стопанства, со што се обезбедуваат објективност, стручност и транспарентност во процесот на нејзиното утврдување. За поголема транспарентност, анкетните листови беа и јавно објавени на страната на Земјоделскиот институт - Скопје  посочи Серафимовски. 

Министерството, нагласи Серафимовски, останува посветено на доследна примена на законските процедури и на обезбедување фер, транспарентен и предвидлив процес во интерес на лозарите и винарската индустрија, при што сите активности се реализираат во согласност со Законот за виното и подзаконските акти, што ја регулираат оваа област. свд/вг/

Фото и видео: МИА