• недела, 24 ноември 2024

Се отвораат продавниците во Грција

Се отвораат продавниците во Грција
Атина, 5 април 2021 (МИА) – Под посебни правила и прописи, со задолжителн испратена смс порака и со ограничено време за шопинг на граѓаните, по пауза од два месеци, продавниците во Грција одново се отвораат, јави дописничката на МИА од Атина. Сепак, отворањето нема да биде целосно и на начин на кој малопродажбата функционираше по нормални услови, бидејќи ќе работат само со услугите „click away“ и „click in shop“, односно подигнување на претходно направена нарачка или посета на продавница по закажан термин. Граѓаните за шопинг ќе имаат на располагање најмногу три часа, еднаш дневно, откако претходно ќе испратат смс порака на специјален број со име и презиме и ќе добијат повратен одговор со дозвола за посета на продавница. Продавниците ќе работат според протоколи, односно едно лице на 25 метри квадратни, а трговските центри и моловите ќе останат затворени. Иако беше најавено дека продавниците ќе се отворат во цела Грција, сепак поради лошата епидемиолошка слика, во саботата од Секретаријатот за цивилна заштита соопштија дека малопродажбата во регионалните единици Солун, Ахаиа и Козани нема да отвори. Во изминатите денови, сопствениците интензивно се подготвуваа за повторното отворање, а во разговор со дописничката на МИА од Атина коментираа дека се подготвени за отворање, но не се подготвени повторно да затворат. Малопродажбата во Грција, во изминатите пет месеци, по воведувањето на карантинот на 7 ноември 2020 година помина низ фази на отворање и повторно затворање, со посебни правила за различни делови на земјата, со оглед на тоа дека беше поделена во зони согласно епидемиолошката слика и важеа различни правила. ср/

Остани поврзан