• сабота, 23 ноември 2024

Сензорна соба во ООУ „Крсте Петков Мисирков“ во Радовиш

Сензорна соба во ООУ „Крсте Петков Мисирков“ во Радовиш
Скопје, 20 септември 2022 (МИА) - Во ООУ „Крсте Петков Мисирков“ во Радовиш од денеска ќе биде во функција прва сензорна соба во таа општина, во рамки на проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“, финансиран од Европската Унија. Сензорната соба ќе може да ја користи стручниот тим на училиштето каде што ќе го поттикнува аудитивниот, визуелниот, физичкиот и тактилниот развој кај ученици со и без пречки во развојот или образовни потешкотии. Градоначалникот на Радовиш Ацо Ристов изјави дека со огромно задоволство се вклучиле во процесот на создавање мултисензорно катче во нивната општина знаејќи ги, како што вели, потребите пред сѐ на децата со атипичен развој, а и на наставниот кадар и стручните служби кои имаат потреба од дополнителни алатки за квалитетно изведување на образовниот процес. -Секојдневно работиме на подобрување на образовните можности за сите ученици во нашата општина, со фокус на учениците со попреченост кои треба да ги имаат еднаквите услови за образование и воспитание како и сите други деца кои живеат во земјата, истакна Ристов. ООУ „Крсте Петков Мисирков“ има 1200 ученици, 21 со попреченост, кои заедно со стручната служба ќе ја користат сензорната соба и ќе имаат можност преку индивидуална работа да ги развиваат своите потенцијали. Елена Мишиќ од Фондацијата „Чекор по чекор“, која го спроведува проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“, истакнува дека со активностите од овој проект, се зголемуваат можностите секое дете да добие пристап до квалитетно образование. - Досегашните реализирани активности на проектот значајно придонесуваат кон подобрување на инклузивните капацитети во образовните институции. Соработката со локалната самоуправа е неопходен предуслов за успешно реализирање на инклузивниот процес. Со создавање пристапни и стимулативни средини за учење, училиштата опфатени со проектот стануваат места со еднакви можности за образование за сите деца, вели Мишиќ. Проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“, кој придонесува кон подобрување на инклузивноста во образовниот процес во земјава, го реализира Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“ заедно со партнерите - Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“ и Здружението за давање услуги на лицата со попреченост „Хендимак“. Проектот се реализира во соработка со Министерството за образование и наука. хс/лв/

Остани поврзан