• петок, 18 октомври 2024

Семејството на убиениот во Србија, Хајзири ги тужи Курти и Бислими за навреди и јазик на омраза

Семејството на убиениот во Србија, Хајзири ги тужи Курти и Бислими за навреди и јазик на омраза

Приштина, 17 октомври 2024 (МИА) – Адвокатот Гент Ѓини, претставник на семејството на Фатон Хајризи, Косоварот кој пред три месеци беше убиен во Србија, денеска во Основниот суд во Приштина поднесе тужби и кривични пријави против премиерот Албин Курти, неговиот заменик, Бесник Бислими, пратеникот на Движењето самопределување (ВВ), Арбер Реџа и адвокатот Газменд Халилај, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во обраќање на медиумите пред Судот, Ѓини рече дека обвинението се однесува на употреба на навреди и јазик на омраза, односно обвинетите употребиле „неетички и навредливи изрази кон семејството Хајзири“.


Тој додаде дека зборот „криминалец “ е главната причина поради која ја поднеле оваа тужба и рече дека преку неа ќе побараат од апострофираните отштета, како и да ги повлечат искажаните навреди и да побараат јавно извинување.

Адвокатот Ѓини изјави дека во наредните денови ќе одлучат дали ќе ја тужат и министерката за правда, Албулена Хаџиу.

Хајризи на 6 јули годинава побегна од затворот Смреконица во Вучитрн, а на 19 јули беше убиен во Лозница, во близина на границата меѓу Србија и Босна. Ден претходно, според официјален Белград, тој убил еден и ранил уште еден српски полицаец.

Премиерот Курти ја повика косовската јавност Хајризи да не го гледа како херој, и да не биде жртва на „еуфорија и романтизација“.

Вицепремиерот Бислими рече дека Хајризи е лице осудено за кривични дела и дека местото му е во затвор. иа/

Остани поврзан