• петок, 18 октомври 2024

Светска банка за Косово: Економскиот раст 3,8 отсто, вработени само 37 отсто од работоспособните

Светска банка за Косово: Економскиот раст 3,8 отсто, вработени само 37 отсто од работоспособните

Приштина, 17 октомври 2024 (МИА) – Светска банка процени дека најголем дел од економиите на шесте земји од Западен Балкан годинава забележале умерен економски раст, но предупредува дека прогнозата за иднината останува неизвесна.

Според последниот извештај на СБ, што денеска го пренесуваат медиумите во Приштина, Косово во 2024 година имало економски раст од 3,8 отсто, во 2025 година се предвидува раст од 3,9 отсто, додека во 2026 година ќе достигне до 4 отсто.

Економскиот раст за оваа година главно беше поттикнат од потрошувачката и инвестициите на дијаспората во градежништвото, се наведува во извештајот.

Косово и понатаму има најголем број невработени во регионот. Според СБ, само 37 отсто од работоспособното население е вработено.

„Во Косово, и покрај неодамнешните придобивки, се проценува дека само 37,1 отсто од работоспособното население е вработено“, се вели во најновиот извештај на СБ, насловен „Одржување на темпото на раст“.

Како што пренесува МИА, стапката на вработеност во другите земји од регионот (возрасна група над 15 години способна за работа), според извештајот, бележи големо подобрување и годинава достигна 48,5 отсто, што СБ го нарекува „историско ниво“.

Од Банката објаснуваат дека „јазот се намалува“ во однос на стапката на вработеност во земјите-членки на ЕУ, но и во овој аспект растот не е униформен во сите земји.

Додека Косово има најмал број вработени, во Албанија, на крајот на 2023 година, стапката на вработеност била 66,7%.

Светска банка вели дека во Албанија и Црна Гора стапката на вработеност ја надминала онаа на земјите-членки на ЕУ, каде што таа изнесува 54,4 отсто.

Главните предизвици за Косово, според извештајот, остануваат реформите во енергетскиот сектор, водоснабдувањето и подобрувањето на човечкиот капитал, како и поврзувањето со странските пазари.

Меѓу ризиците, Светска банка го нагласува притисокот за зголемување на буџетските расходи во пресрет на изборите, но и тековната геополитичка неизвесност, вклучена во посебниот политички контекст на Косово.

Во извештајот на Светска банка, заедно со Косово, највисок економски раст во Западен Балкан има Србија, исто така со 3,8 отсто.

По нив следува Црна Гора со 3,4, Албанија со 3,3, Босна и Херцеговина со 2,8 и Северна Македонија со 1,8 отсто.

Вкупниот економски раст во регионот се предвидува да достигне 3,7 отсто во текот на 2025 година.

Светска банка го пофали „Планот за раст“ на ЕУ за Западен Балкан како позитивен чекор кој може да го поддржи економскиот раст на регионот, но истовремено предупредува дека постојат постојани ризици, како што се „бавен глобален раст, зголемување на цените, политика на неизвесност и штети од екстремни временски услови“.

Извештајот повикува на реформи на пазарот на трудот, особено за зголемување на вклученоста на жените во него. иа/

Остани поврзан