• недела, 24 ноември 2024

Блинкен: Синвар беше свиреп и непокајан терорист одговорен за најголемиот масакр на Евреи по Холокаустот

Блинкен: Синвар беше свиреп и непокајан терорист одговорен за најголемиот масакр на Евреи по Холокаустот

 Вашингтон, 17 октомри 2024 (МИА) Државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, излезе денеска со изјава по повод убиството Јахја Синвар, лидерот на Хамас.
-Јахја Синвар беше свиреп и непокајан терорист одговорен за најголемиот масакр на Евреи по Холокаустот. Терористите на Хамас по негово водство убиваа Израелци, Американци и граѓани од повеќе од 30 земји. Тие киднапираа и држеа како заложници доенчиња, стари лица и други цивили. Неговата одлука да ги започне терористичките напади на 7 октомври донесе катастрофални последици за народот на Газа, кој сега  повеќе од година дена ги трпи  ужасите на војната, изјави Блинкен, додавајќи дека „светот е подобро место без него“.
-Се сеќаваме денеска на жртвите на неописливите злосторства на Синвар и се надеваме дека неговата смрт ќе им донесе некаква правда. Соединетите Американски Држави стојат заедно со Израел во процесот на одговорност за нападите на 7 октомври и гаранциите дека таков напад никогаш повеќе нема да се повтори.
Блинкен истакна дека во текот на изминатите месеци, Синвар повеќепати ги одбиваал напорите на Соединетите Држави и партнери да се заврши оваа војна преку договор за враќање на заложниците кај нивните семејства и олеснување на страдањето на палестинскиот народ.
-Во наредните денови, Соединетите Држави ќе ги удвојат напорите со партнерите за окончување конфликтот, да се обезбеди ослободување на сите заложници и трасирање на нов пат кој ќе им овозможи на народот на Газа да ги обноват своите животи и да ги остварат своите аспирации, ослободени од војна и од бруталните стеги на Хамас. кб/

Остани поврзан