• четврток, 15 август 2024

Седум стихозбирки во потесен избор за наградата „Антево перо“

Седум стихозбирки во потесен избор за наградата „Антево перо“

Скопје, 15 август 2024 (МИА) - Жири-комисијата за доделување на наградата  „Антево перо“ во состав проф. д-р Весна Мојсова Чепишевска (претседател), д-р Атина Цветаноска и Жорж Поповски (членови), од листата на дванаесетте стихозбирки кои влегоа во поширока конкуренција, издвои седум поетски наслови кои посебно се издвојуваат со нивниот квалитет.

Селектирани се поетските книги: „Ми се чини дека некаде слушнав дете“ на Тони Попов, „Собрани остатоци од светот“ на Пепи Стамков, „Сивка: геометрија на болката“ на Ирена Бабамова Стојчева, „Музеј на заборавот“ на Сашо Димоски  „Царски рез на небото“ на Даниела Андоновска Трајковска, книгата „Анатомија на скриена болка“ доставена под шифрата Суштина  и поетскиот ракопис „Каде што се раѓаат сенките“ на Агрон Усеини. Редоследот на номинираните е според нивното пристигнување на електронската адреса, соопшти Тимот на „Антево перо“.

Во потесен избор за наградата „Антев часовник“, која се доделува со цел откривање и афирмација на нови млади талентирани поети кои творат на македонски јазик и е потстрек за нивното творештво, стручната комисија ги номинираше следните пет збирки: Софија Тодороска – „Птиците заминуваат на исток“, Ива Пуовиќ – „Полет“, Мартина Костадиноска – „Пијавици“, Нино Наумовски – „Индиго солзи“ и Стефан Спасовски – „Ќумур смоквин млеч“. И во овој случај, редоследот на номинираните е според нивното пристигнување на електронската адреса.

Наградата „Антево перо“ се доделува како исклучително македонско поетско признание за необјавен поетски ракопис, а ја доделува Здружението за зачувување на делото на Анте Поповски АНТЕВО ПЕРО, како организатор на мeѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“ во чест на творештвото на бардот на современата македонска поезија, Анте Поповски.са/дма/

Фото: Антево перо

 

 

Остани поврзан