• понеделник, 23 декември 2024

Северна Македонија го одбележува 9 - Мај со почнати преговори со ЕУ и скрининг процес

Северна Македонија го одбележува 9 - Мај со почнати преговори со ЕУ и скрининг процес

Скопје, 9 мај 2023 (МИА) - По повод 9-ти Мај Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа, Владата на Република Северна Македонија денеска организира свечено одбележување на овие два значајни празника, со кои ќе се оддаде почит на хероите кои учествуваа во антифашистичката борба.

Како што соопштуваат од владината прес - служба, делегации на покана на Владата, ќе положат цвеќе на партизанските гробишта во Бутел и пред споменикот на „Ослободители на Скопје“ пред Владата, каде ќе има обраќања од претставниците на делегациите.

На панел дискускусијата вчера во Министерството за надворешни работи, насловена „Патот до 2030”, како воведен настан на овогодинешниот Преспа Форумот за дијалог, вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, ја истакна важноста од продолжувањето со суштински реформи преку инструментите на ЕУ.

-Минатата година ги започнавме преговорите, на 19 јули, скринингот ни е извонредно корисен, бидејќи ни дава можности и да презентираме до каде сме, но исто така и да добиеме прашања и да дознаеме која е состојбата во Европската Унија денес, во однос на клучни теми и клучни области. Покрај скринингот, имаме скрининг извештаи врз основа на кои ќе треба да се направат клучните инструменти- патоказите, рече Маричиќ.

Вицепремиерот Maричиќ, кој е и главен преговарач со ЕУ, истакна  дека е достижна целта во 2030 година да станеме членка на ЕУ доколку почнеме да работиме од денес. 

-Можеме да го направиме само ако дејствуваме заедно на иста цел. Затоа мислам дека првиот чекор кон остварување на оваа цел 2030 година да бидеме ние и други држави од регионот членки а ЕУ првиот чекор е со ЕУ да подадеме рака дека целта на овој процес е членство и дека тоа членство е достижно да се случи до крајот на оваа декада, рече Маричиќ. 

Ами Ларсон Џејн, амбасадорката на Шведска која е актуелен претседавач со ЕУ, на панел-дискусијата истакна дека борбата против корупцијата и владеењето на правото се основни вредности коишто треба да се почитуваат за да се стане членка на ЕУ. 

-Ова не е мала задача и постоеја и продолжуваат да постојат значителни пречки по патот којшто поттикнаа загриженост како меѓу земјите-членки на ЕУ така и меѓу меѓународните партнери, една вистинска заложба од сите засегнати страни заедно со национално носителство отчетност и транспарентност се потребни, нема кратки патеки на патот кон ЕУ, посочи Ларсон Џејн.

Таа додаде оти има многу предизвици на домашен фронт, но има и многу позитивни нешта.

-Северна Македонија убаво го започна процесот на скрининг со еден професионален тим кој направи важен исчекор, исто така, сите големи политички партии тврдат дека евроинтеграцијата е стратешка цел на државата. Ова е добар почеток, потребни се повеќе напори за да се постигне конструктивен политички дијалог, да се постигне вистински политички консензус за интеграцијата во ЕУ, заклучи амбасадорката.

Денот на Европа - 9 Мај, е воспоставен како ден на сеќавање на Декларацијата на францускиот министер за надворешни работи Роберт Шуман во 1950 година, што се смета за прв важен чекор во основањето на Европската Унија. Ова е втора година како Европа е соочена со војна на нејзина територија, која што предизвика уште подлабока економска и политичка криза. Иако ЕУ покажа силно единство во осудата на руската инвазија врз Украина и санкциите врз Москва, таа е пред нови предизвици во однос на тоа како ќе продолжи во иднина на планот на проширувањето. 

Северна Македонија после 17 години кандидатски статус, минатата година на 19 јули, конечно формално ги започна претпристапните преговори со ЕУ со одржувањето на Првата меѓувладина конференција. Во тек се скринингот за усогласеноста на домашното законодавство со европското, што треба да се заокружи во ноември оваа година. Услов за продолжување на преговорите и одржување на Втората меѓувладина конференција со која ќе се отворат преговорите по кластери се уставните измени со внесување на Бугарите во Уставот. вг/

 

 

Остани поврзан