• недела, 14 јули 2024

Ќе работам за македонско национално единство, порача мандатарот Мицкоски

Ќе работам за македонско национално единство, порача мандатарот Мицкоски

Велес, 17 јуни 2024 (МИА) – Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и мандатар за формирање на влада, Христијан Мицкоски, денеска во обраќањето по повод 34 години од формирањето на партијата, истакна дека како претседател на партија која работи за македонско национално единство, подава рака на СДСМ за дијалог за сите крупни прашања за државата и од важност на граѓаните.

– Тие непринципиелни коалиции и преговори под маса, јас нема да ги правам и нема да им работам позади грб, ниту ми паѓа на памет да им се мешам. Тие од мене, како претседател на партија која посакува и работи за македонско национално единство имаат подадена рака за дијалог за сите крупни прашања за државата и од важност на граѓаните. Им подавам рака за македонско национално единство за сите важни прашања за државата. Посакувам да ги надминат огромните проблеми и да седнеме на маса да разговараме за иднината на нашата татковина, порача Мицкоски.

Сето ова не треба да се сфати како амнестирање од одговорност, појасни Мицкоски, нагласувајќи дека во нив гледа партнер со кого имаат заедничка одговорност кон сегашните и идните генерации за создавање на единствени државни позиции.

– Секако ова никако не треба да го сфатат како амнестирање од одговорноста за криминалите, но значи дека во нив ќе гледам партнер со кого имаме одговорност поради сегашните и идните генерации да работиме на создавање на единствени државни позиции кога станува збор за суштинските прашања од важност за Македонија, рече Мицкоски. 

За неколку дена, рече тој, Македонија ќе ја добие новата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ. - Во изминатиот период кога се договораше оваа влада внимателно ги следев оние пораки од одредени политички центри од новата опозиција дека премногу им се дало на коалицијата Вреди што е ноторна измислица, замислете тие кои коленичеа во Речица кои седум години беа главни измеќари на ДУИ нам кои повративме најмалку три четвртини од позициите кои ги изгубија ни велат дека сме дале премногу, рече Мицкоски. 

Сакам да кажам, додаде тој, дека ние не даваме, ниту земаме, затоа што Македонија е заедничка држава и се додека албанските и другите коалициони партнери работат по закон и во интерес на државата ќе бидеме еднакви партнери во Владата.

Мицкоски вели нема да дозволи ВМРО-ДПМНЕ да стане тоа што беше СДСМ, ниту пак неговиот албански коалициски партнер ВРЕДИ да стане како ДУИ.

Сѐ додека албанските партнери работат според закон во интерес на државата, Мицкоски истакна дека ќе бидат еднакви партнери во Владата, појаснувајќи дека доколку било кој застрани со криминални или други агенди ќе биде санкциониран, вклучително и од неговата партија.

– Македонија е заедничка држава и сѐ додека албанските партнери работат според закон и во интерес на државата, ќе бидеме еднакви партнери во Владата. Ако било кој застрани со криминални или други агенди, ќе биде санкциониран, вклучително и од нашата партија. Нема да дозволам ВМРО-ДПМНЕ да стане тоа што беше СДСМ, ниту ќе дозволам ВРЕДИ да стане тоа што беше ДУИ, порача Мицкоски.

Во своето обраќање тој истакна дека нема да подлегнува на темите кои разединуваат, осврнувајќи се кон проблемите и сиромаштијата на граѓаните. Вели 600 илјади луѓе во земјава живеат со само 150 денари на ден, додека во здравството постои хаос.

– Нема од мене да видите двојни стандарди. Ќе се однесувам согласно Уставот и законите на државата, денес 600 илјади луѓе живеат со 150 денари на ден. И денес над 50 илјади се надвор од образовниот процес. Денес земјоделците имаат проблеми. Учениците завршија учебна година без учебници. Во здравството постои хаос, во болниците се умира чекајќи лекови. Ова се проблемите кои мора да ги решаваме и за кои вистински нѐ гласаше народот. Нема да подлегнуваме на темите кои нѐ разединуваат и нѐ оддалечуваат, рече Мицкоски. ра/ев/

Фото: ВМРО-ДПМНЕ принтскрин

 

Остани поврзан