• понеделник, 04 ноември 2024

СДСМ предлага покачување на минималната плата на 27.700 денари

СДСМ предлага покачување на минималната плата на 27.700 денари

Скопје, 21 октомври 2024 (МИА) – Пратеничката група на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија предлага измени и дополнување на Законот за минимална плата, со кој се предвидува покачување на минималната плата на 27.700 денари, информираше денеска во законодавниот дом пратеникот и лидер на СДСМ Венко Филипче.

Посочи дека со ваквото покачување не само што ќе се обезбеди финансиска стабилност на работниците, туку и ќе влијае на порастот на просечната плата.

– Во услови на голема економска несигурност, како одговорна опозиција предлагаме измени и дополнување на Законот за минимална плата. Со измените предвидуваме минималната плата да се покачи на 27.700 денари, што претставува пораст од 12,3 проценти. Со ова не само што ќе обезбедиме финансиска стабилност на работниците, туку ќе влијаеме на порастот на просечната палта, што ќе има позитивен ефект врз секое семејство во државата. Методологијата за усогласување на минималната плата со порастот на трошоците за живот и просечната плата останува и понатаму како дел од овој закон, со тоа ќе обезбедиме сигурен и постојан раст на приходите на граѓаните, посочи Филипче.

Лидерот на опозициската СДСМ ги повика сите пратеници да отстапат од партиските интереси и да дадат поддршка на иницијативата за покачување на минималната плата.

– Ја повикувам Владата и сите пратеници дека ова не е време за застапување на партиски интереси, туку за заштита на интересите на граѓаните. Мандатот на пратениците им го дале тие и тие одговараат пред нив, а не пред партискиот лидер, затоа сите пратеници и од владејачкото мнозинство и од опозицијата треба да дадат поддршка на оваа иницијатива и да се издигнат на политичките разлики и да гласаат за подобар животен стандард на работниците. Ова решение е во интерес на сите граѓани и сите ние носиме одговорност да се погрижиме за економскиот просперитет на нашата држава, рече Филипче.

Просечната плата во земјава, додаде, е намалена за 1000 денари, а цените на основните прехранбени производи постојано растат. Тој нагласи дека потрошувачката кошничка во септември 2024 година има достигнато 61.306 денари.

– Потрошувачката кошничка во септември 2024 година достигна 61.306 денари, цените на основните прехранбени производи растат, а куповната моќ на граѓаните значително е намалена. Само за потсетување, Владата предводена од СДСМ во период од седум години, креираше политики за постојан раст на платите и работеше за значително да се подобри животниот стандард на работниците. Во 2016 година, просечната месечна нето-плата изнесуваше 22.460 денари, додека во мај 2024 година достигна 41.252 денари. Ова е резултат на посветените политики кои имаа за цел да го подобрат животот на секој граѓанин, особено на работниците, рече Филипче.

Вели повратот на ДДВ е сериозен проблем на македонската економија, односно долгот на УЈП кон компаниите, за кој рече дека не е исплатен повеќе од три месеци, има надминато 100 милиони евра. 

– Владата не презема конкретни мерки за покачување на платите и со тоа ги става работниците и нивните семејства во многу тешка економска и социјална положба. Сериозен проблем на македонската економија е и повратот на ДДВ, долгот на УЈП кон компаниите кој не е исплатен повеќе од три месеци надминува повеќе од 100 милиони евра. Такво нешто не се случило во последните седум години, нагласи Филипче. ра/ац/

Фото: МИА

Остани поврзан