• петок, 06 февруари 2026

СВР Тетово: Во 2025 најмногу се казнувало пребрзо возење - од 12.179 санкции, 5.088 се за пречекорување на брзината

СВР Тетово: Во 2025 најмногу се казнувало пребрзо возење - од 12.179  санкции, 5.088 се за пречекорување на брзината

Тетово, 1 февруари 2026 (МИА)- Секторот за внатрешни работи Тетово во текот на изминатата 2025 година при засилени контроли со цел зголемување на безбедноста во сообраќајот на подрачјето на Тетово и Гостивар бележи вкупно 12.179 изречени санкции, од кои 7.698 во тетовскиот регион, а  4.481 на гостиварско подрачје.  

Статистиката покажува дека најголемиот број од прекршоците 5.088 (Тетово 2.885 и Гостивар 2.203), се однесуваат на пречекорување на дозволената брзина, што останува една од главните причини за загрозување на безбедноста. 

-Исто така, поради сериозни прекршоци и техничка неисправност, од сообраќај се исклучени 1.879 возила и 3.838 возачи, од кои за управување без возачка дозвола: 2.569 (Тетово 1.846 и Гостивар 723), возачи почетници: 606 (Тетово 420 и Гостивар 186), управување под дејство на алкохол: 328 (Тетово 247 и Гостивар 81), како и исклучени возила од сообраќај поради истечена важност на сообраќајна дозвола: 618 (Тетово 415 и Гостивар 203), техничка неисправност: 411 (Тетово 261 и Гостивар 150), претовар: 55 (Тетово 46 и Гостивар 9), се вели во извештајот на одделот за аналитика при СВР Тетово. 

Секторот за внатрешни работи Тетово апелира до сите учесници во сообраќајот на максимална одговорност и доследно почитување на сообраќајните правила и прописи. 

-Возете со прилагодена брзина, не управувајте моторно возило без положен возачки испит или под дејство на алкохол и редовно проверувајте ја техничката исправност на вашите возила. Со одговорно однесување директно придонесувате за вашата безбедност и безбедноста на вашите сограѓани. Сообраќајните контроли ќе продолжат со несмален интензитет и во наредниот период, посочува Фатмир Реџепи, портпарол на СВР Тетово. 

Во статистичкиот извештај за 2025 година се евидентираат и привремено се одземени 112 возила, од кои 87 поради истечена регистрација над шест месеци и 25 поради предизвикување на прекумерна бучава, затемнети стакла (фолии) 710 од кои Тетово 555 и Гостивар 155, Поминување на црвено светло: 264 (Тетово 86 и Гостивар: 178), Неправилно престигнување: 220 (Тетово 70 и Гостивар: 150), Недавање првенство на минување: 68 (Тетово 53 и Гостивар 15). ас/вг/

фото МИА 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан