• понеделник, 23 декември 2024

Свечена академија во Охрид по повод патрониот празник на градот – врачени највисоките општински награди и признанија

Свечена академија во Охрид по повод патрониот празник на градот – врачени највисоките општински награди и признанија

Охрид, 7 декември 2023 (МИА) – Во Центарот за култура во Охрид вечерва се одржа централната манифестација на Општината во рамки на чествувањата по повод патрониот празник на градот, 8 Декември – Денот на Св. Климент Охридски.

Свое обраќање пред присутните на свеченоста имаше градоначалникот Кирил Пецаков, кој истакна дека како најскапоцен подарок од Бога на Охрид и на граѓаните им е доделена честа да го величаат и слават Свети Климент, како што рече, „нашиот молитвеник, духовник, просветител, нашиот најголем учител, Свети Климент Охридски, патронот и чуварот на овој светол град, кој гордо опстојува низ милениумската историја“.

Свети Климент, посочи Пецаков, е паметник на македонскиот дух, неговото дело е вечен израз на македонската гордост, а неговата визија за знаењето стана најважниот дел од нашата национална свест.

-          И по толку години, децении и векови нанижани како ѓердан од бисери, исполнети со храброста на Македонскиот народ, застануваме повторно на изворот на словото и светлината, што блика од највредното наследство што ни го остави нашиот Климент. Неговото дело е толку големо што добива димензии на бесконечност... на нешто кое своето име гo втиснало во вечноста и ги врежало длабоко во светската меморија. Неговите дарови постојано го осветлуваат нашиот пат и ни даваат крилја да достигнеме до изобилство на знаење и духовна благосостојба, рече градоначалникот Пецаков.

Традиционално на Свечената академија по повод празникот беа врачени највисоките општински признанија – наградата и повелбата „Св. Климент Охридски – патрон на Охрид". За 2023 година наградата му е доделена на амбасадорот Јордан Плевнеш, имајќи го предвид неговото животно дело и неговата завидна научна дејност во областа на драматургијата и активностите за афирмација на Охрид и државата низ светот.

Амбасадорот Плевнеш од своја страна посочи дека највисоката општинска награда за него претставува посебна привилегија, одтолку што доаѓа во име на градот на светлината, градот што е под закрила на Светиот Климент.

- Имаше голема церемонија и во Француската академија за науки кога ми беше врачена наградата Гран-при за животно дело. И тогаш возбудата беше многу голема. Но, кога ми го испратија писмото од Општината во име на градоначалникот на Охрид и Комисијата за награди, во мене се роди едно чувство дека само Охрид може да ве дарува со вечност, И другите институции постојат, Француската академија постои од 1631 година, како и другите институции низ светот каде сум се здобил со признанија, но само Охрид може да ви даде вечност и само Светиот Климент може да ве благослови, рече лауреатот.

На свеченоста беа врачени и повелбите „Патрон на градот - Св. Климент Охридски“, доделени на манифестацијата „Поетска ноќ во Велестово“, постхумно на неодамна починатата спикерка на Радио Охрид, Леонора Чекреџи, како и на младата спортска надеж на Охрид, таеквондистката Христијана Парулеска.

Инаку, неколкудневните чествувања на патрониот празник во Охрид продолжуваат и утре на самиот Ден на Свети Климент Охридски, со поклонение пред моштите на светецот во неговиот храм на Плаошник, положување цвеќе пред споменикот во ООУ „Свети Климент Охридски“, а напладне ќе биде положено цвеќе пред споменикот на Свети Климент Охридски на Градскиот плоштад.

Програмата предвидува и врачување награди на најдобрите поетски творби на конкурсот по повод Патронот на Охрид. Годинешните празнувања ќе бидат заокружени со проекција на филмот „Охрид, Охрид убав мил“ на охридскиот режисер Илија Пиперкоски во Големата сала на Општина Охрид со почеток во 19 часот. аб/са/

Фото: МИА

Остани поврзан