• петок, 22 ноември 2024

Светска банка: Расте јазот меѓу богатите и сиромашните земји

Светска банка: Расте јазот меѓу богатите и сиромашните земји

Вашингтон, 15 април 2024 (МИА) - Во повеќе од половина од 75-те најсиромашни земји во светот, и покрај нивниот важен потенцијал во суровини и активно младо население, БДП по глава на жител во 2023/2024 година расте побавно отколку во богатите земји, што ја зголемува нееднаквоста, соопшти Светската банка.

За една третина од тие земји, БДП по глава на жител сега е понизок отколку пред пандемијата на Ковид-19, се наведува во извештајот што Светската банка го објави денеска за земјите кои би можеле да имаат корист од подароци или заеми на Меѓународната развојна асоцијација (ИДА) - огранок на Светската банка под поволни услови.

„Благосостојба на тие земји е неопходна за долгорочниот просперитет на светот. Денешните три економски сили - Кина, Индија и Јужна Кореја беа земјите кои профитираа од заемите од ИДА“, потсети главниот економист на Светската банка, Индермит Гил во изјава.

Тој рече дека сите три земји напредувале, ја искорениле екстремната сиромаштија и го подобриле животниот стандард.

Земјите финансирани од ИДА денес имаат потенцијал да го сторат истото со меѓународна помош, додаде тој.

Во некои земји ситуацијата е уште покритична со степенот на екстремна сиромаштија осум пати повисок од светскиот просек. Речиси 25 отсто од населението во тие земји живее со помалку од 2,15 долари на ден, а 90 отсто од луѓето кои се соочуваат со глад или неисхранетост во светот се концентрирани во тие земји, кои претежно се наоѓаат во субсахарска Африка, како и во источна или Јужна Азија.

Извештајот предлага да се зајакне придонесот на меѓународните финансиски институции да им помогнат и да соработуваат во врска со главните светски прашања како што е затоплувањето на климата што особено ги погодува тие земји, како и значително зголемување на финансиската поддршка.

Помошта за земјите во развој, особено оние кои моментално се во должничка криза или се изложени на ризик да западнат во неа, ќе биде меѓу главните теми на годишните состаноци на Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка во Вашингтон оваа недела. рп/

Фото: МИА архива

Остани поврзан