• сабота, 21 декември 2024

Санчез: Моментот за „политички дискусии“ ќе биде по обновата

Санчез: Моментот за „политички дискусии“ ќе биде по обновата

Мадрид, 11 ноември 2024 (МИА) - Времето за „политички дискусии“ ќе дојде по обновата, изјави денеска шпанскиот премиер Педро Санчез, два дена по масовните протести во Валенсија поради лошата реакција на владата на смртоносните поплави.

„Владата го прави тоа што мора да го прави. А ние треба да се обновиме по оваа трагедија и да ја рестартираме економската и социјалната активност“, рече шефот на социјалистичката влада на прес-конференција.

„Подоцна, политичката дискусија ќе се фокусира на прашањата што треба да се подобрат со оглед на оваа климатска криза и, без сомнение, во поглед на преземањето на политичките одговорности кои, се разбира, ќе треба да се оправдаат“, додаде тој.

Санчез најави и 3,76 милијарди евра дополнителни мерки за обнова на Валенсија по најсмртоносните поројни поплави во модерната историја на Шпанија.

Повеќе од 220 луѓе загинаа, а 32 се водат како исчезнати по обилните дождови кои предизвикаа поплави во предградијата јужно од регионалниот главен град Валенсија на 29 октомври, според извештајот објавен од властите доцна во неделата.

Минатата недела веќе беше најавена помош од 10,6 милијарди евра.

„Има уште улици кои треба да се исчистат, гаражи кои треба да се исушат, има многу инфраструктура што треба да се санира и пред се многу животи, многу домови и многу работни места кои треба да се вратат во нормала“ истакна Санчез. 

Делови од шпанскиот регион Валенсија, кој пред речиси две недели беше погоден од обилни врнежи и поплави, од понеделник се враќаат во нормалното секојдневие.

Напорите за спасување и расчистување продолжија во 80-те најтешко погодени општини околу главниот град на регионот, со помош на речиси 20.000 полицајци, војници и волонтери. паг/

Фото: ЕПА

 

 

 

Остани поврзан