• понеделник, 23 декември 2024

Салмонела во мајонез е причината за труење со храна кај децата од кумановската градинка „Ангел Шајче“

Салмонела во мајонез е причината за труење со храна кај децата од кумановската градинка „Ангел Шајче“
Куманово, 14 мај 2021 (МИА) - Од вкупно 61 пријава за труење со храна кај децата од кумановската градинка „Ангел Шајче“, кај 31 дете и тројца вработени, изолирана е бактеријата салмонела ентеритидис, потврдија денеска од Државниот санитарен и здравствен инспекторат. Бактеријата е откриена во оригиналното пакување во мајонез. Инспекторатот извршил и контролен надзор и констатирал дека храната се носи од главната кујна, а затворена останува кујната во „Пчелка“, во занималните каде беа сместени децата со симптоми на труење е извршено чистење и дезинфекција и во овие објекти нема згрижено деца. Од Агенцијата за храна и ветеринарство, денеска потврдија дека со испитувањата изолирана е бактерија „Sallmonela Spp“ во мострата од мајонез. - Забраната за работа на кујната и понатаму продолжува до повторно тестирање на брисеви од сите работни површини кои доаѓаат во контакт со храната и добивање на задоволителни резултати. Наредено е уништување на небезбедната храна која не одговара на микробиолошките критериуми за безбедност, наведуваат од АХВ. Началничката на епидемиолошката служба од Центарот за јавно здравје д-р Јадранка Стаменковска, потврди дека е пријавена епидемија на акутно труење со храна со салмонела ентеритидс. - Имаме 66 пријавени дечиња со симптоми од акутно труење со храна со покачена температура, дијареја, повраќање, малаксаност. Кај 31 е изолирана салмонела. Во тек, се испитувања на уште пет копрокултури кои пристигнаа денеска. Извршена е дезинфекција, направени се вонредно здравствено-хигиенски прегледи на вработени од кујните. Кај тројца вработени изолирана е салмонела, изјави Стаменковска. На детското одделение во болницата, информираа денеска надлежните, хоспитализирани се три деца, кај нив сè уште не е потврдено присуството на салмонела. На болничко лекување сè уште три, кај кои веќе е дијагностицирана бактеријата, но нивните родители одбиле да бидат згрижени, па добиле решение за изолација. - Сите дечиња се со подобрена здравствена состојба, изјави доктор Агрон Сулејмани, началник на детско одделение. Кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски, изрази жалење за случајот и најави дека ќе побара одговорност. Тој побарал писмена информација од директорката на градинката и по целосното утврдување на состојбата од надлежните институции ќе побара одговорност, иако нагласи дека ингеренциите му се одземени претходно, откако се водеше постапка за избор на менаџер на градинката. На десетти мај надлежните институции ја затворија кујната во „Пчелка“, занималните во „Кокиче“, „Пчелка“ и „Синоличка“ и наредија механичко чистење, дезинфекција и ги почнаа истражувањата за утврдување на причините за труење со храна откако викендот повеќе родители алармираа дека децата се жалат на симптоми предизвикани од труење со храна. ам/аа/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан