• четврток, 02 јануари 2025

Министерството за финансии на САД во писмо до Конгресот откри дека било цел на кибер напад

Министерството за финансии на САД во писмо до Конгресот откри дека било цел на кибер напад

Вашингтон, 30 декември 2024 (МИА) - Американското Министерство за финансии денеска, во писмо упатено до членовите на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, соопшти дека на почетокот на декември биле цел на кибер напад, но дека доверливите документи не биле загрозени.

Како што се наведува во писмото, на удар на напаѓачите биле неколку работни места во министерството, за него бил користен софтверот на американската компанија Бијонд траст (BeyondTrust), а нападот, „според достапните индикации“, го извршил актер „чија финансиска поддршка е Кина“.

„Веднаш штом давателот на услугата го алармира Министерството за финансии, контактиравме со Агенцијата за кибер безбедност и инфраструктурна безбедност и соработувавме со извршните органи за утврдување на последиците од упадот“, рече портпаролот на Министерството.

Според него, компромитираниот софтвер е отстранет „и нема докази“ кои укажуваат дека натрапникот сè уште има пристап до компјутерските системи на Министерството за финансии.

Како што се наведува во писмото до пратениците, хакерите успеале да го украдат кодот кој им овозможувал пристап до софтверот во министерството, како и да ги заобиколат безбедносните системи и далечинскиот пристап до различни компјутери.

Ова е „голем безбедносен инцидент“, што создава обврска за тоа да се информираат народните пратеници, се додава во писмото.

Ова не е првпат САД, или некои од нивните сојузници, да го обвинат Пекинг дека стои зад кибер нападите.

Минатиот март, САД, Велика Британија и Нов Зеланд ја обвинија Кина дека стои зад серијата кибер напади врз нивните јавни институции.

Пекинг ги отфрли тие тврдења, сметајќи ги за „целосно неосновани“ и ги оцени како „клеветнички“. паг/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан