• недела, 22 декември 2024

САД се отвoраат, со протести, недоразбирања и стравувања од нов бран на Ковид-19

САД се отвoраат, со протести, недоразбирања и стравувања од нов бран на Ковид-19
Вашингтон, 15 мај 2020 (МИА) - Голем број на сојузни држави во САД денеска започнаа со отварање на бизнисите, многу тоа веќе го сторија од почетокот на мај, а во повеќе се создаде незадоволство, зошто во некои окрузи е дозволено раздвижување, а во други наредбите за карантин остануваат во сила. Отварањето на многу држави е пропратено со протести, политичка борба и судски решенија, како на пример во Висконсин, каде Врховниот суд на државата, воден од конзервативни судии, ја бутна одлуката за продолжување на карантинот донесена од сојузната држава, предводена од гувернер демократ. Во Вирџинија пак, денеска делумно се отвараат повеќе бизниси во речиси целата сојузна држава, но не и во севернa Вирџинија, која географски припаѓа на престолнината и е дел од пошироката метропола на Вашингтон, округ Колумбија. Причината е поради тоа што во изминативе денови во овој дел на државата забележан е подем на бројот на заболени и починати лица како последица од коронавирусот. Многумина својот гнев го истурија по социјалните мрежи и за следната недела се планираат протести во историскиот град Лисбург, во чија близина живее и авторот на овие редови. Во Калифорнија, американските медиуми известуваат за недразбирања и тепачки во шопинг ценрите како „Таргет“ и „Трејдерс Џо“, меѓу исфрустрирани купувачи и вработените кои не пуштале никого во продвниците без маска. Во Мерилен и Вирџинија отворени се продавинците, рестораните, фризерските салони и црквите и другите места за верски обреди, но со стриктно почтување на правилото за физичка дистанца и ограничен број на лица во една просторија, најмногу до 50 зависно од големината на просторијата. Плажите во Северна и Јужна Каролина, како и во Вирџинја, се подготвуваат за отварање и со стоплување на времето очекуваат масивен наплив од посетители и капачи викендов. Берберите, кино салите, баровите и рестораните се исто така отворени и во Луизијана. Денеска отворија и пет региони во централен Њујорк, сојузна држава што граничи со Канада. Досега, вкупно две третини од американските сојузни држави започнаа со делумно отварање и конечно, се забележува се поголема раздвиженост. Сепак, и покрај политичката поделеност, дали отварањето е прерано или не, дали може да предизвика нов бран од коронавирус или не, кон што водеа изјавите на главниот вирусолог, д-р Ентони Фаучи, за што беше искритикуван од претседателот Доналд Трамп, познавачите велат дека тоа ќе ја олесни економската болка што ја трпат Американците. Во САД, поради пандемијата, 36 милиони луѓе поднесоа барања за исплата за изгубена работа, но во наредните недели се очекува постепено намалување на стапката на невработеност и враќање на куповната моќ на Американците. кб/

Остани поврзан