• вторник, 03 декември 2024

САД покренаа обвинение против индискиот милијардер Адани за поткупи во вредност до 265 милиони долари

САД покренаа обвинение против индискиот милијардер Адани за поткупи во вредност до 265 милиони долари

Бруклин, 21 ноември 2024 (МИА) - Милијардерот Гаутам Адани, претседател на индискиот конгломерат „Адани Груп“ и еден од најбогатите луѓе во светот, е обвинет во Њујорк за вмешаност во шема за давање поткупи во вредност до 265 милиони долари, објавија агенциите, повикувајќи се на американското обвинителство.

Американските власти соопштија дека Адани и седум други обвинети, вклучително и неговиот внук Сагар Адани, се согласиле да платат мито на индиски владини претставници за да склучат договори кои ќе им овозможат профит од 2 милијарди долари во текот на 20 години и да го разработат најголемиот проект за соларна енергија во Индија.

Судот во Њујорк издаде налози за апсење на Гаутам и Сагар Адани, а обвинителите планираат да ги проследат налозите за апсење до странските агенции за спроведување на законот.

Тие, заедно со поранешниот извршен директор на „Адани грин енерџи“, Винет Џејн, се обвинети за заговор за измама со хартии од вредност, а двајцата од семејството Адани ќе се соочат и со граѓански обвиненија поднесени до Комисијата за хартии од вредност на САД.

Пет други лица се обвинети за заговор за кршење на Законот за странски коруптивни практики, американскиот закон против поткуп, а четворица од нив ќе се соочат и со обвиненија за заговор за попречување на правдата.

Ниту еден од обвинетите не е приведен, соопшти обвинителството во Бруклин. Се верува дека Гаутам Адани е во Индија. паг/

Фото: Јаху






Остани поврзан