САД/Избори: Првичните резултати се очекуваат ноќеска
- Во длабоко поделена земја, навистина е неизвесно дали демократската кандидатка Камала Харис или републиканецот Доналд Трамп ќе победи, јавија американските медиуми. Победата ќе ја одлучат седум држави, освен ако нема изненадувања.
Вашингтон, 5 ноември 2024 (МИА) - Денеска е денот на изборите во САД. Првите изборни резултати ќе бидат објавени ноќеска како-која држава ги затвора избирачките места. Во длабоко поделена земја, навистина е неизвесно дали демократската кандидатка Камала Харис или републиканецот Доналд Трамп ќе победи, јавија американските медиуми.
Победата ќе ја одлучат седум држави, освен ако нема изненадувања.
Најголемите прашања се кога ќе се знаат резултатите, колку протокот на дезинформации ќе влијае на изборите, дали ќе има насилство. Двата табора се подготвени да влезат во правни процеси за да ги оспорат резултатите, што може уште повеќе да ги искомплицира работите.
Денот на изборите во Америка е всушност изборна недела во последно време - бидејќи секоја држава има свои правила за броење гласови, а можни се и правни оспорувања на резултатите - сето тоа може да го одложи објавувањето на победникот. Факт е дека никој не знае точно колку време ќе биде потребно за да се објави победникот.
Агенцијата АП, која традиционално ги следи изборните резултати, го прогласи Џо Бајден за победник во 2020 година четири дена по затворањето на гласачките места - во саботата попладне. Некои држави, сепак, и тогаш немаа конечни резултати. Џорџија го прогласи Бајден за победник 16 дена по изборите, а Северна Каролина ја објави победата на Трамп 10 дена подоцна.
На изборите во 2016 година, пак, победникот беше познат неколку часа по затворањето на гласачките места. Победата на Трамп над Хилари Клинтон беше прогласена во средата во 2:29 часот по полноќ.
Овој пат, трката е многу блиску во седум сојузни држави: Аризона, Невада, Џорџија, Северна Каролина, Пенсилванија, Мичиген и Висконсин. Избирачките места во тие држави се затвораат во различни периоди: Аризона ги затвора гласачките места во 21 часот по средноевропско време и не ги објавува резултатите додека сите области не ги пријават своите резултати, или барем еден час по затворањето на гласачките места. Во Џорџија, гласачките места се затвораат во 19 часот, а АП и други медиуми во САД ги објавија првите резултати од изборите во 2020 година истата вечер, иако конечните победници не беа објавени до 19 ноември.
Мичиген, држава која Трамп ја освои во 2016 година по 30 години доминација на демократите, ги затвора гласачките места во 20 и 21 часот по средноевропско време.
Во Невада гласачките места се затвораат во 22 часот по средноевропско време. Таму резултатите не се објавуваат пред да гласа последниот гласач, па се чека подолго меѓу затворањето на избирачките места и првите резултати.
Избирачките места во Северна Каролина се затвораат во 19:30 часот по средноевропско време. На последните избори АП ги објави прелиминарните резултати во 19:42 часот, а конечните резултати 10 дена по изборите. Гласачките места во Пенсилванија се затвораат во 20 часот по ET. На последните избори, АП ги објави првите резултати во 20:09 часот, но дури четири дена подоцна го прогласи Бајден за победник.
Во Висконсин гласачките места се затвораат во 20 часот по средноевропско време. АП ги објави првите резултати во 21 часот на изборите во 2020 година, а конечната победа на демократите беше објавена следниот ден.
За раните индикации, две држави на источниот брег - Северна Каролина и Џорџија - треба да се следат, каде што резултатите би можеле да стигнат прилично брзо. Тоа не значи дека конечните резултати во тие држави ќе се знаат ако разликата е мала, но ова се првите држави кои затвораат избирачки места и каде може да се претпостави како понатаму ќе се развиваат работите. За подетална анализа, треба да се погледне развојот на ситуацијата во урбаните и руралните области во одредени држави на север и југоисток, каде демократите победуваат на изборите од 2020 година.
На друго место во таканаречениот „син ѕид“ (државите Пенсилванија, Висконсин и Мичиген), Трамп мора да го ублажи растот на демократите во предградијата на Детроит, Мичиген, особено во округот Оукленд.
Во некои држави, на гласачите им е дозволено да гласаат дури и пред денот на изборите, а 78 милиони Американци веќе го направиле тоа - без разлика дали гласале на избирачкото место или по пошта.
Една од главните причини за високиот одѕив на предвременото гласање е тоа што овој пат Трамп ги повика своите поддржувачи да гласаат предвреме - спротивно од она што го направи во 2020 година кога нареди гласање на денот на изборите. Бројот на луѓе кои излегоа потврдуваат дека многу републиканци го послушале Трамп, а прашање е дали бројот на гласачи ќе биде поголем од оној на денот на изборите
Има промени и кај демократите. Пред четири години, кога имаше пандемија, демократите главно гласаа по пошта. Овој пат, бидејќи нема ризик по јавното здравје, многумина излегуваат на гласачките места, што се очекува на самиот изборен ден.
Двете партии вложија многу за да ги убедат гласачите да излезат на гласање. Кампањата на Трамп им ја довери таа задача на надворешни соработници, како милијардерот Илон Маск, кој исто така организираше лотарија за гласачите - за што беше тужен во Филаделфија.
Демократите се определиле за потрадиционален начин - кампања од врата до врата, спроведена на терен од повеќе од 2.500 платени соработници, кои работеле во 357 канцеларии - само во седум држави кои одлучуваат за избори.
Во последно време Трамп изнесува неосновани тврдења за сомнителниот интегритет на изборите. Тој лажно инсистира дека ќе ги изгуби изборите само ако демократите ги украдат - иако анкетите покажуваат дека исходот е навистина неизвесен.
Републиканскиот кандидат би можел повторно да прогласи победа во изборната ноќ, како и во 2020. Таквата реторика може да има сериозни последици, како што се виде на 6 јануари 2021 година, кога приврзаниците на Трамп упаднаа во Конгресот и се обидоа да ја спречат потврдата за изборната победа на Џо Бајден. Тогаш загинаа пет лица.
Републиканскиот национален комитет ќе има десетици илјади набљудувачи на „изборниот интегритет“ на денот на гласањето, кои ќе внимаваат на нерегуларности. Критичарите, сепак, стравуваат дека тоа ќе доведе до малтретирање на гласачите или членовите на избирачките одбори. Во некои избирачки места бараа присуство на полиција покрај веќе постоечкото копче за брзо предупредување на властите во случај на опасност, како и стакло отпорно на куршуми.
Истовремено, соработниците на Трамп потсетуваат дека тој преживеал два атентати и дека е цел на закани.
Полицијата во Вашингтон и другите градови веќе се подготви за потенцијални немири на денот на изборите.зш/
фото ЕПА