• четврток, 21 ноември 2024

Руте му ја честита победата на Трамп: Очекувам да работиме на унапредување на мирот 

Руте му ја честита победата на Трамп: Очекувам да работиме на унапредување на мирот 

Брисел, 6 ноември 2024 (МИА) – Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте во објава на Икс информира дека „само  што му честитал“ на републиканскиот кандидат Доналд Трамп за неговиот избор за претседател на САД.  

- Неговото лидерство одново ќе биде клучно за одржување на силата на нашата Алијанса. Со нетрпение очекувам повторно да работам со него на унапредување на мирот преку зајакнување, преку НАТО, наведе Руте во објавата. 

При преземањето на должноста генерален секретар на НАТО на 1 октомври годинава, во одговор на новинарско прашање во однос на неговите очекувања од претседателските избори во САД, Руте одговори дека не е загрижен околу изборниот исход, нагласувајќи дека добро ги познава и двајцата кандидати и има искуство во соработка со нив.  

- Соработував со Доналд Трамп четири години. Тој не притискаше да трошиме повеќе (за одбраната) и успеа во тоа, бидејќи ние сега издвојуваме многу повеќе во споредба со 2017 година. Тој не притискаше (да внимаваме) на Кина и мислам дека беше во право, рече Руте. 

Инаку, „стратешката трка со Кина“, Руте ја оцени како еден од глобалните предизвици за НАТО, заедно со „се поагресивната Русија“, тероризмот и зголемената соработка меѓу Кина, Русија, Северна Кореја и Иран. - Со својата поддршка на руската воена индустрија, Кина ја овозможува руската војна против Украина. Кина не може да продолжи да го овозможува најголемиот конфликт во Европа по Втората светска војна, без да се соочи со последици по нејзините интереси и репутација, истакна Руте на прес-конференцијата по стапувањето на должноста, нагласувајќи дека за својата „илегална војна против Украина“, Русија добива поддршка и од Северна Кореја и Иран. сп/

Фото: НАТО

Остани поврзан