• понеделник, 14 октомври 2024

Русите ги интензивираат нападите во Украина

Русите ги интензивираат нападите во Украина

Москва, 8 септември 2024 (МИА) – Русија денеска соопшти дека нејзините сили напредуваат во источна Украина, додека Киев пријави силни воздушни напади и го повика Западот да дозволи повеќе одмазднички напади внатре во руската територија.

Москва ги засили воздушните напади во последните недели, настојувајќи да ја одбие големата украинска офанзива во руската област Курск.

Од 6 август Киев ги предводи нападите врз овој регион, лоциран спроти градот Суми во источна Украина, надевајќи се дека таму ќе создаде тампон зона за Украина за да го заштити своето погранично население од воздушните напади на Москва. Но, две лица загинаа во нов руски воздушен напад во Суми.

- Непријателот ноќеска изврши воздушен напад врз градот Суми. Две лица загинаа, а четворица се ранети, меѓу кои и две деца, соопшти денеска на Телеграм воената управа на регионот.

Градоначалникот на Суми, Олексеј Дрозденко, пријавил уништени или оштетени куќи и автомобили.

Во руски ракетен напад врз село недалеку од линијата на фронтот во регионот на Доњецк, епицентарот на борбите, загинаа две жени, соопшти регионалното обвинителство.

Киев ја почна својата офанзива во Курск со надеж дека ќе ја принуди Русија да ги распореди своите трупи кои моментално напредуваат на истокот на земјата. Но, Москва се чини дека ги засилува своите напади таму. Во август таму беа забележани најголемите руски територијални освојувања во речиси две години.

Руската армија денеска соопшти дека освоила град во источна Украина и дека напредува кон стратешки важниот Покровск. „Руските сили го ослободија градот Новохродивка во областа Доњецк“, соопшти руското Министерство за одбрана. Овој мал град се наоѓа на дваесетина километри од Покровск, важен логистички центар на украинската армија. јт/

Фото: ЕПА архива

Остани поврзан