Романија купува американски ракети воздух-воздух за речиси 600 милиони долари
- Американскиот Стејт департмент одобри можна продажба на 186 ракети воздух-воздух со среден дострел AIM-120C-8 на Романија за 582 милиони долари, соопшти Агенцијата за одбранбена и безбедносна соработка (DSCA) во Вашингтон.
Букурешт, 9 септември 2024 (МИА) – Американскиот Стејт департмент одобри можна продажба на 186 ракети воздух-воздух со среден дострел AIM-120C-8 на Романија за 582 милиони долари, соопшти Агенцијата за одбранбена и безбедносна соработка (DSCA) во Вашингтон.
Како што објави порталот „Балканска безбедносна мрежа“, Романија го зајакнува својот ракетен арсенал за своите борбени авиони Ф-16 во време кога сè уште не е на повидок крајот на војната во Украина.
Официјалното име на ракетата е AMRAAM (Advanced Medium Range Air-to-Air Missiles) AIM-120C8 и е најновиот модел од овој ракетен тип „истрелај и заборави“, што значи дека по лансирањето лета самостојно до целта потпирајќи се на сопствени сензори.
Според производителот, водењето на новата верзија на ракетата е подобро во споредба со претходните и дострелот е зголемен, но сепак се чува во тајност.
Романија, исто така, ги стави на списокот за набавка и вообичаените додатоци кои вклучуваат контејнери за ракети, погонски делови, контролни делови, комплети за телеметрија и резервни делови за боеви глави, криптографски уреди KGV-135 A, опрема за тестирање и репрограмирање на муниција, како и опрема и софтвер за поддршка, одржување и обука на персонал.
Во соопштението на DSCA се вели дека набавката ќе ја подобри националната безбедност на САД, нивните сојузници и Романија и нема да го загрози балансот на силите во регионот. јт/
Фото: Википедија