• понеделник, 23 декември 2024

Се замрзнуваат цените на оризот и јајцата, кај шеќерот и брашното засега без интервенции

Се замрзнуваат цените на оризот и јајцата, кај шеќерот и брашното засега без интервенции

Скопје, 21 март 2023 (МИА) - Владата денеска треба да ги замрзне цените на оризот и јајцата, но и да донесе одлука со која ќе го ограничи извозот на јајца. Во однос на шеќерот и брашното се уште нема да се интервенира. Ќе се чека трговците сами да ги поевтинат овие производи, додека цените во месната индустрија се следни за анализа. За овошјето и зеленчукот ингеренции има Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Доколку оттаму се предложат какви било мерки, Министерството за економија е подготвено да ги прифати.

Министерот за економија Крешник Бектеши кој вчера информираше за овие најнови одлуки, не прецизира колкава ќе биде замрзнатата цена на оризот и јајцата. Не сакал да објави, како што напомена, пред да биде соопштена конечната одлука од страна на Владата.

-Министерството за економија има конкретен предлог. Нема да биде денешната цена, туку една од цените во март. Не би сакал тоа јавно да го кажам зашто одредени трговци или производители може да се подготват. Тоа не значи дека немаме доверба во нашите стопанственици, само не би сакал да објавам пред да биде конечната одлука од страна на Владата. Во однос на шеќерот и брашното, очекуваме цените сами да паѓаат, а и веќе бележат намалување, но ако тоа не се случи од страна на трговците, до крајот на оваа или почетокот на идната недела ќе има дополнителни одлуки за цените на овие производи, истакна Бектеши.

Цените на месните проиозводи кои се увезуваат, како што најави, ќе бидат една од наредните мерки што ќе се анализираат од страна на Министерството за економија.

Според Бектеши, иако е зголемена побарувачката на македонските јајца од државите во регионот, домашниот пазар нема да почувствува недостиг, ниту ќе се дозволи поскапување за претстојните празници.

-За земјоделските производи, овошје и зеленчук, мора да бидеме внимателни. Со оглед дека е специфичен начинот како се работат овие култури, немаме голема можност да направиме детални анализи. Ако такви капацитети има МЗШВ, добредојдени се нивните податоци и препораки. Во делот на другите производи, во делот на увозот и во делот на производството следиме се на дневна основа, подвлече Бектеши.

Од 16 март се замрзнати цените на тестенините и млечните производи, а од 28 февруари е замрзната и цената на лебот. Тогаш се укинаа и субвенциите за електричната енергија што ги добиваа компаниите од прехранбената индустрија.

Министерот Бектеши минатата недела најави дека во април се можни нови мерки во однос на цените. мч/лв/

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан