• среда, 21 август 2024

Ретроспективна монографската изложба на Љубица Андреевска Љупка во Куманово

Ретроспективна монографската изложба на Љубица Андреевска Љупка во Куманово

Куманово, 21 август 2024 (МИА) - Во уметничката галерија Куманово, вечер со почеток во 20 часот ќе биде отворена ретроспективно монографската изложба на Љубица Андреевска Љупка. Кумановци ќе имаат можност да разгледаат 51 уметничко дело.

- Делата на авторката Љубица Андреевска спаѓаат во наивата, како посебен дел од уметноста, која на нашите простори е препознаена нешто подоцна, односно по 1945 година. Со уметничко творење, таа започнала во 1970 година, а во Куманово имаше свое претставување на групната изложба на наивата на триесетина познати македонски уметници, во 2021 година исто така во Уметничката галерија, Таа изложба беше по иницијатива и организација на нашиот познат историчар на уметноста Гоце Божурски од Куманово, кој издаде и монографија „Наива‘, во која го истакна значењето на оваа уметност, велат од НУ Музеј Куманово.

Родена во Кавадарци 1934 г. Во своите искажувања таа нагласува дека нејзините сликарски почетоци се во седумдесеттите, а на ретроспективно монографскава изложба се застапени дела кои ги поседува од 1989 до 2001 година. Со силината на својата индивидуалност, автентичен, препознатлив, возбудлив и впечатлив ликовен ракопис се надоврзува на основоположничката генерација на македонската наива (В. Наумовски, Ѓ. Шијаковиќ, Д. Трендафиловски-Добрин, Р. Ристовски и К. Славковски) и со тоа е една од најважните претставници во оваа област, а тоа го потврди и преку нејзините претставувања во МНТ во Скопје (1990), спомен домот „Браќа Миладиновци“ во Струга (1991), Музејот на град Скопје (1991), Уметничката галерија во Куманово (1993), Македонскиот информативен центар во Париз (1993), Музејот на наивна уметност во Јагодина (1997), Народната библиотека во Белград (1977), Уметничката галерија (сегашната Национална галерија на Република Северна Македонија и тоа во објектот „Даут Пашин Амам“ – 1998) и на други места.

- Она што е значајно за наивата е доминацијата на емотивноста над рационализмот и во најголем број случаи искажување на радоста кон самото постоење, односно животот. Секако присутно е и прикажување на трагедии, надреалното, односно, спротивности како и во самиот живот. Радоста е видлива и во делата на авторката Андреевска, која е автентична во својот израз преку робусните фигури, кои ги претставува во еден бестежински простор, давајќи значење на колоритот на бојата, претставувајќи сцени од секојдневниот живот на село. Пропорциите и перспективата и во делата на авторката Андреевска, се невидливи во однос на нејзините приказни полни со љубов. Наивата е доказ дека секој има право да се изразува уметнички и дека уметничките школи сами по себе не се гаранција за уметничка вредност, бидејќи уметноста може да се остварува и без нив, изјави Валентина Андреиќ, виш кустос историчар на уметноста при НУ Музеј – Куманово. ам/са/

Фото: НУ Музеј Куманово

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан