• вторник, 05 ноември 2024

Рекордни 229 милиони долари прилив во македонската економија за првите шест месеци од 2023

Рекордни 229 милиони долари прилив во македонската економија за првите шест месеци од 2023

Скопје, 22 септември 2023 (МИА) - Туристичкиот промет покажа раст и во вториот квартал за 2023 година и изнесува 136 милиони долари во македонската економија, со раст од 28 проценти споредбено со истиот период 2022 година. Двата квартали во 2023 година се со раст од 24 проценти споредбено со претходната година.

Агенција за промоција и поддршка на Туризмот (АППТ) денеска информира дека вкупно двата квартали за 2023 година имаат раст од 24 проценти компарирано со периодот од изминатата година односно 229 милиони долари прилив од туристичкиот промет во БДП-то.
 
Туризмот, посочуваат, создава работни места, ја зајакнува локалната економија, придонесува за развој на локалната инфраструктура и може да помогне да се зачува природната средина и културните добра и традиции, како и да се намалат сиромаштијата и нееднаквоста.

Туризмот во Северна Македонија, се подвлекува во соопштението, треба да го добие потребното внимание затоа што може да биде сериозен играч во привлекување зелени инвестиции.

Доколку го компарираме учеството на туризмот во бруто домашниот производ - БДП што во 2011 година изнесувал 0,4 проценти, појаснуваат од АППТ,  2018 година изнесувал 2,4 проценти додека во 2022 година изнесува 3,6 проценти, достигнувајќи 481 милион долари.

- Споредбено, кај првите квартали (Q1) на приливот од туризмот 2018/2019/2020/2021/2022 година, што и покрај пандемијата која започна во 2020 година, нема забележено пад, што не може да се случи ако изостанува планирање, мерливост и евалуација на стратешките планови во АППТ, се наведува во соопштението.  

Прв пат во првиот квартал на 2023 година, стои во соопштението, туризмот во македонската економија влеал 93 милиони долари, што е за 19 проценти повеќе од 2022 година или 41 проценти повеќе од 2019 година.
 
- Упатувам силна и оптимистичка порака за остварување на целта од 530 милиони долари од македонскиот туристички сектор во домашната економија за 2024 година. Меѓуинституционалната соработка, инклузивноста на приватниот сектор и јакнење на капацитетите ги мобилизираат сите засегнати страни и го прават туризмот катализатор на позитивни промени. Реархитектуирањето на македонскиот туристички сектор мора да се случи во наредниот пет годишен период, а дотогаш да се постигнат целите за 2025 година од 3,7 милиони ноќевања, 600 милиони долари од туризмот или повеќе од 4 проценти во БДП, повеќе од 45.000 вработени во туристичко-угостителската дејност, истакнал директорот на АППТ, Љупчо Јаневски. цр/ац/

Фото:МИА архива

Остани поврзан