• понеделник, 23 декември 2024

Режисерот Столе Попов, добитник на наградата „Живојин Жика Павловиќ“ за промоција на балканската кинематографија

Режисерот Столе Попов, добитник на наградата „Живојин Жика Павловиќ“ за промоција на балканската кинематографија

Белград, 15 октомври 2024 (МИА) - Македонскиот режисер Стола Попов е годинашниот лауреат на почесната награда „Живојин Жика Павловиќ“ во Р.Србија за промоција на балканската кинематографија во светот, јави дописникот на МИА од Белград.

Оваа престижна награда ќе му биде врачена на годишното доделување на наградите за режисер на 17 октомври во Нови Сад.

По повод оваа награда, на 16 октомври во 20:30 часот во Арена Синеплекс во Нови Сад ќе биде организирана проекција на неговиот филм Gipsy Magic. Влезот за проекцијата е бесплатен.

Досегашни лауреати на ова признание се: Горан Марковиќ, Слободан Шијан, Емир Кустурица, Раде Шербеџија, Предраг Мики Манојловиќ, Лазар Ристовски, Драган Николиќ, Велимир Бата Живојиновиќ, Славко Штимац, Богдан Дикљиќ, Горан Паскаљевиќ, Милчо Манчевски и Миша Радивојевиќ.

Гала церемонијата за доделување на Годишната награда за режисер ќе се одржи на 17 октомври 2024 година во „Хотел Пупин“ во Нови Сад, во организација на продуцентската куќа „Магична Линија“. На гала вечерата со номинираните режисери и гости ќе бидат доделени Годишните режисерски награди за две категории ТВ серии и за најдобра режија на филм од просторот на поранешна Југославија.

Во рамки на оваа манифестација, на 16 и 17 октомври, бројни гости ќе присуствуваат на конференцијата на Организацијата за заштита на авторските права и на панел-серијата на Здружението на режисери на Балканот.

Столе Попов кариерата ја започна со режија на документарни филмови, а негов прв игран филм е „Црвен коњ“ од 1980 година. Најпознати играни филмови што ги режираше се „Тетовирање“, „До Балчак“ и „Џипси Меѓик“. Тој ги напиша и сценаријата за повеќето негови дела што ги режираше.

Добитник е на над 50 европски и светски награди и значајни признанија, меѓу кои 8 Гран при награди на различни меѓународни фестивали и две номинации за „Оскар“ (Американска филмска академија) за документарниот филм „Дае“ и „Феликс“ на (Европска филмска академија) за филмот „Тетовирање“. об/цр

Фото: МИА Архива



Остани поврзан