• понеделник, 23 декември 2024

Режисерката Дина Дума на гости кај сениорите, вечерва затворање на фестивалот „Џифони Македонија“

Режисерката Дина Дума на гости кај сениорите, вечерва затворање на фестивалот „Џифони Македонија“

Скопје, 10 октомври 2023 (МИА) - Со проекција на босанскиот филм „Екскурзија“ во режија на Уна Гуњак за кадетите, и со проекција на македонскиот филм „Сестри“ на режисерката Дина Дума за сениорите, вечер ќе биде затворено 11. издание на Филмскиот фестивал за млади „Џифони Македонија“. Фестивалот ќе се затвори во киното „Милениум“ во Скопје, а учесниците низ танц, музика, филм, анимации, стрип, фотографии ќе споделат со публиката што научиле во изминатите пет дена на сите работилници, разговори, дискусии.

Ќе бидат прогласени и победничките филмови во сите категории.

По проекцијата на филмот „Сестри“, Дума ќе биде гостинка кај џифонци. По проекциите и на последните филмови, средношколците ќе гласаат за најдобар игран филм на фестивалот, а ќе го проследат и последниот блок кратки и анимирани филмови за кои исто така ќе гласаат.

На вчерашниот ден кадетите имаа можност да го запознаат режисерот Олег Асадулин од Русија, со кого разговараа за филмот „Таму и назад“, додека пак актерката Миона Илов Милов разговараше со кадетите по проекцијата на српскиот филм „Мрак“.

Како што соопштија од фестивалот, на втората панелна дискусија од проектот ЕПИК се разговараше за иновативни едукативни модели кои преку аудивизуелни содржини им пренесуваат вредности на младите. Меѓу другите своето искуство на темата го раскажаа претставници на неколку организации – Finish school од Косово, ARS kino од Софија, а претставници на Филмскиот Фестивал Џифони од Италија ги илустрираа проектите Sedici Modi di dire ciao и School experience.

За крај на претпоследаниот ден на фестивалот, публиката ја проследи докудрамата „Учениците од Умберто Примо“, грчко-италијанска копродукција во режија на Алесандра Мајолети.

Филмот зборува за нераскажаните приказни на девет еврејски ученици што учеле во италијанското училиште „Умберто Примо“ во Солун за време на нацистичката окупација и е базиран на архивски материјал откриен во 2003 година од италијански професор и сведочења на преживеаните протагонисти.

Фестивалот „Џифони Македонија“ е поддржан од: Џифони Експириенс, Агенција за филм, италијанското Министерство за надворешни работи и меѓународна соработка, како и од Град Скопје, МКЦ, Кинотека на Македонија, Амбасадата на Италија во Скопје и бројни институционални и приватни поддржувачи.бт/са/

Фото/ Џифони Македонија

Остани поврзан