• вторник, 17 декември 2024

Реал Мадрид и Милан први полуфиналисти во Лигата на шампиони

Реал Мадрид и Милан први полуфиналисти во Лигата на шампиони

Неапол/Лондон, 18 април 2023 (МИА) – Мадридски Реал ја продолжува одбраната на титулата во Лигата на шампиони откако вечерва втор пат го совлада Челзи и обезбеди пласман во полуфиналето во кое му се приклучи и Милан, кој во италијанската четвртфинална пресметка беше поуспешен од Наполи.

Милан допатува во Неапол со предност од првиот натпревар од 1-0, која ја удвои Французинот Оливие Жиру во 43 минута, откако претходно во 22 минута не реализираше удар од белата точка.

Промашен пенал имаше и на спротивната страна кога грузискиот репрезентативец Квича Кварацхелија биеше непрецизно во 81 минута, а почесниот гол за Наполи за конечни 1-1 го постигна Нигериецот Виктор Осимен во третата минута од судиското продолжение.

Македонскиот репрезентативец Елиф Елмас влезе на теренот од клупата за резерви во 63 минута. 

На реваншот меѓу Челзи и Реал во Лондон, актуелниот европски првак забележа и втора победа со идентични 2-0 како и на првиот натпревар во Мадрид, со двата голови на Родриго (58, 80) и во полуфиналето ќе игра против поуспешниот од пресметката меѓу Манчестер сити и Баерн Минхен. Германскиот шампион во утрешниот реванш ќе има тешка задача пред своите навивачи да ја надомести негативата од 0-3 од првиот натпревар.

Противник на Милан во полуфиналето ќе биде победникот од дуелот меѓу Бенфика и Интер. Италијанскиот тим на утрешниот реванш на домашен терен влегува со предност од 2-0 од првиот дуел во Лисабон. ег/зс/

Фото: ЕПА

Остани поврзан