• сабота, 27 април 2024

Работилница: За 23 години во земјава изгореле 2 495 835 метри кубни шума

Работилница: За 23 години во земјава изгореле 2 495 835 метри кубни шума

Скопје, 28 март 2024 (МИА) - Фреквенцијата и интензитетот на пожарите на ниво на предел постепено се зголемуваат, а времето и местото на појава се повеќе варира. Ова бара системско делување, поефиканси одговори, подобра превенција и подготвеност, беше речено денеска, на четвртата работилница од Програмата за управување со пожари на ниво на предел. 

Согласано првиот Национален извештај кој ја одразува моментната состојба со пожарите на ниво на предел, од 2000 до 2021 година во земјава имало вкупно 4 811 пожари. Од нив изгореле над 201 121 хектар површина. Притоа, бројот на пожари и опожарени површини значително варирал. Флуктуирала и вкупната опожарена површина во различни региони низ годините. Вкупниот опожарен шумски фонд, пак, во текот на 23 години е 2 495 835 метри кубни.  

Како дел од слабостите во управувањето со овие пожари се посочуваат тешко достапните природни области, непостоењето ефикасна меѓуинституционална комуникација и координација, недоволната имплементација на законските одредби, непочитувањето на законите, недоволните ресурси за спроведување на мерките за противпожарна заштита, бавното решавање на кривичните или прекршочните постапки, недоволните човечки ресурси за управување со пејзажни пожари, недоволната техничка опрема, миграцијата на населението (внатрешно село во град), пироманијата и намерното палење земјиште заради економска корист и недоволниот број доброволни противпожарни единици.

Извештајот укажува и на немањето закон за оџачари во земјава, на невклученост на сопствениците на приватните шуми во управувањето со пејзажните пожари, на отсуство на национален план за управување со пејзажни пожари, на совпаѓање на законските надлежности на институциите, како и на отсуство на унифицирана методологија за собирање податоци за пејзажни пожари.

Проблем е, беше истакнато, и немањето доволен број експерти за управување со пожари, практичари и истражувачи.

-Извештајот јасно ги детектира слабостите на системот и дава насоки за подобрување на состојбата и за изготувување национална стратегија, како патоказ врз кој ќе се водат идните политики за заштита од пожари, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски пред претставниците од речиси сите релевантни институции, приватни организации и здруженија.

Според Николовски, постојаното зголемување на температурата предизвика глобално затоплување на планетата и променливи временски услови, засилени, неочекувани и понекогаш екстремни климатски непогоди, кои претставуваат сериозна закана на глобално, регионално и на национално ниво.

-Овие промени ја зголемуваат веројатноста за интензивни пожари на ниво на предел, загрозувајќи ги екосистемите, ризикот по животот на населението и пределите од кои луѓето егзистираат, потенцира министерот.

Извештајот покажува дека во Северна Македонија од 2000 до 2021 година имало вкупно 4 811 пожари кои изгореле над 201 121 хектар површина.

-Бројот на пожари и опожарени површини значително варираше од година во година. Во 2007 година земјата доживеа голем број пожари (652) и значително изгоре површина од 35 248 хектари. Вкупната опожарена површина значително флуктуираше во различни региони низ годините. Опожарената површина во Пелагонија се движеше од 779 хектари во 2012 година до 2 010 хектари во 2018 година. Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека шумските пожари значително ја зафаќаат Северна Македонија, а најчести и најобемни пожари се во Југоисточниот регион. Други региони како источниот и југозападниот, исто така, се соочија со високи опожарени области во некои години, се наведува во Извештајот. мч/аа/

фото: МИА

 

 

 

Остани поврзан