• среда, 27 ноември 2024

ПССЕ предлага нацрт нов протокол на Европската конвенција за човекови права за здрава животна средина

ПССЕ предлага нацрт нов протокол на Европската конвенција за човекови права за здрава животна средина

Стразбур, 30 септември 2021 (МИА) - Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) повика на нова правна рамка, како на национално, така и на европско ниво, за „закотвување на правото на безбедна, чиста, здрава и одржлива животна средина“ и за таа цел претстави нацрт дополнителен протокол на Европската конвенција за човекови права со кој ова право ќе биде  применливо во сите земји што ќе го ратификуваат, јави дописникот на МИА од Стразбур.

Во резолуцијата и препораката заснована на извештајот на Симон Муткин (Белгија, Социјалист), ПССЕ потврди дека таков правен текст конечно ќе му даде на Европскиот суд за човекови права „неоспорна основа за одлуки во врска со кршење на човековите права како резултат на негативни ефекти врз животната средина за здравјето, достоинството и животот на луѓето “. Собранието подвлече дека околу половина од земјите во светот го признале „правото на здрава животна средина“ во нивните устави, вклучувајќи 32 држави - членки на Советот на Европа. Само Европа нема регионален договор или аранжман што признава такво право.

Нацрт текстот предложен од ПССЕ ќе биде разгледан од Комитетот на министри на Советот на Европа, кој ќе го има последниот збор за изработка на нов протокол кон Конвенцијата. Комитетот не презеде ништо по слично барање од Собранието во 2009 година.

Парламентарците од 47-те земји членки на Советот на Европа, исто така, препорачаа Комитетот на министрите да изготви дополнителен протокол кон Европската социјална повелба за правото на безбедна, чиста, здрава и одржлива животна средина. Исто така, треба да се започне подготвителна работа за физибилити студија за конвенција од типот „5П“ (превенција, гонење, заштита, политики, парламенти), како и ревизија на Препораката КМ / Rec (2016) 3 за човековите права и претпријатијата со цел зајакнување на еколошката одговорност на компаниите.

Во втората резолуција, втемелена на извештајот на Јоргос Папандреу (Грција, Социјалист), Собранието потврди дека владите мора да комбинираат „јасна политичка определба и управување од горе надолу“, овозможувајќи значаен придонес од граѓаните.

Усвоениот текст нагласува дека собранијата на граѓани се средство за „апелирање до колективната мудрост, враќање на довербата во политиката и овозможување на граѓаните да го вратат јавниот простор што е заземен од социјалните мрежи. За да бидат веродостојни, овие граѓански собранија треба да ја темелат својата работа врз докази, перспективи и различни форми на знаење, без да доминираат моќта, парите или партиската логика, нагласија парламентарците.

Со усвојување на трета резолуција, базирана на извештајот на Зија Алтуњалдиз (Турција), ПССЕ предложи да се зајакне граѓанската и кривичната одговорност за „дејствија што најверојатно ќе имаат влијание врз климатските промени или ќе предизвикаат штети, сериозни за животната средина“, со оглед на климатската криза и важноста да се сметаат за одговорни приватните и јавните актери за нивниот придонес во климатските промени.

- Важно е да се спроведе унифицирана кривична политика насочена кон заштита на животната средина и да се усвојат заеднички дефиниции за еколошките прекршоци и соодветните санкции, рекоа парламентарците, истовремено повикувајќи ги земјите членки строго да ги казнат прекршоците за најсериозните еколошки прашања и да го вклучат кривичното дело екоцид во нивното кривично право - притоа признавајќи го принципот на универзална јурисдикција во оваа рамка. Конвенциите 172 и 150 на Советот на Европа треба да се ревидираат или да се заменат со нови инструменти подобро прилагодени на тековните предизвици.

Четвртата резолуција, базирана на извештајот на Едит Естрела (Португалија, социјалист), побара од Советот на Европа да придонесе за воспоставување „климатска отпорност“ при прегревањето на животната средина, преку својата акција во корист на владеење на правото - особено, владеење на правото, еднаквост и отчетност пред законот, поделба на власта, учество во донесување одлуки и транспарентност.

Нагласувајќи ја важноста на улогата на парламентите, ПССЕ одлучи да создаде парламентарна мрежа под нејзина закрила, чија мисија ќе биде да ги следи активностите на националните власти за почитување на обврските преземени во услови на климатската криза и да промовира редовна размена на искуства меѓу парламентарците во Европа и на други континенти. тг/паг/

Остани поврзан