• понеделник, 23 декември 2024

ПСД „Орле": Намалениот водостој на Тиквешко проблем за развој на спелеотуризмот

ПСД „Орле
Кавадарци, 7 февруари 2022 (МИА) - Намалениот водостој на Тиквешко Езеро претставува проблем за развој на спелеотуризмот и спелеолошки истражувања, бидејќи брегот на езерото располага со прекрасни пештери, изјави за МИА, Никола Минчоров, претседател на  Планинарско спортското друштво „Орле" од Кавадарци. - Планинарско спортското друштво „Орле" е една од засегнатите страни во случајот со водостојот на Тиквешкото Езеро. Друштвото, од постоењето до денес, се бави со спелеологија на теренот околу Кавадарци. Регистрирани се околу 40 пештери, полупештери и пропасти или јами. Токму нас не засегаат пештерите околу брегот на Тиквешкото езеро. Затоа е неопходен нормален водостој на езерото, за развој на спелеотуризмот и спелеолошко истражување, изјави Минчоров. Неколку странски спелеолошки експедиции во изминатиот период  биле во посета на овие пештери. - Беа воодушевени од тоа што го имаме крај езерото и најавија дека пак ќе дојдат, но сега голем проблем претставува водостојот на Тиквешко. Проблематични се и посетите на домашни посетители, кои беа заинтересирани туристички да влезат во пештерите. Веруваме дека проблемот ќе се надмине и дека развојот на спелеотуризмот ќе продолжи, рече тој. Минчоров нагласи дека поради водостојот на езерото, им се скратиле и дел од активностите, меѓу кои и соодветна заштита на животинскиот свет во пештерите. - Во пештерите постојат 24 видови на лилјаци, а кај нас има околу пет вида. Тие се хранат со инсекти и претставуваат природни инсектициди. Како такви, се значајни во синџирот на природата. Со намалениот водостој, им се намалува храната, па или умираат, или се селат, појасни тој. Минчоров ги спомена и најзначајните пештери крај Тиквешкото езеро. Една од нив е тешко пристапната Будимирица, кај вливот на реката Каменица во езерото. Подолу е Црквиче, пештера која спаѓа во редот на хоризонтални лaвиринти,  во која има манастир од 16 век, како и археолошки наоѓалишта. За неа тој рече дека може да се уреди во туристички цели, има и колонија од лилјаци. - Чулеица е малку позната за луѓето. На десната страна од езерото, по течението на Црна Река која се влева во езерската вода. Има голема колонија на лилјаци и може да се пофали со речиси сите пештерски украси. Позната е како партизанска пештера, има три нивоа, појасни претседателот на „Орле". Таму кајшто Црна се влива во езерото, е Галишка пештера. - Влезот е во вертикала од шест метри, а вкупната должина и е 150 метри. Пештерата е активна, ги поседува речиси сите пештерски украси. Меѓу другото, позната е по пештерските бисери. Има колонија со лилјаци. Влезот го заштитиме, за да не се уништува од несовесни и трагачи по богатства, дециден беше Минчоров за МИА.  свд/цр

Остани поврзан