• недела, 22 декември 2024

Противпожарната служба на Грција примила речиси 4.000 повици за помош поради невремето „Бора“

Противпожарната служба на Грција примила речиси 4.000 повици за помош поради невремето „Бора“

Атина, 3 декември 2024 (МИА) – Противпожарната служба на Грција од саботата претпладне до шест часот утрово примила 3.937 повици за помош поради невремето „Бора“ што ја зафати земјата и предизвика материјална штета, а загинаа и три лица, јави дописничката на МИА од Атина.

Повеќе од половина од повиците, односно 2.480 биле во северниот дел на Грција, 1.261 на Родос, а останатите на островите Лимнос и Хиос и во североисточниот дел на земјата.

Денеска ситуацијата е значително подобрена во цела Грција, а според порталот „Метео“ на националната опсерваторија во Атина, за нешто помалку од три дена, односно од саботата до вчера биле регистрирани „екстремно високи врнежи од дожд во областите Халкидики, Пиерија, Иматија, Пела и на островите Родос, Лимнос и Тасос“.

Поконкретно најголема количина дожд, за конкретниот период имало на две места на Халкидики (550 и 452 милиметри) и на Родос (340 милиметри).

На островите Родос и Лимнос од вчера е прогласена вонредна состојба. ср/

Остани поврзан