• понеделник, 01 јули 2024

Промоција на стихозбирката „Per Aspera Ad Astra“ од Оливера Доцевска

Промоција на стихозбирката „Per Aspera Ad Astra“ од Оливера Доцевска

Скопје, 8 мај 2023 (МИА) - Во Друштвото на писатели на Македонија, денеска ќе биде промовирана новата поетска збирка на авторката Оливера Доцевска „Per Aspera Ad Astra“, во издание на Центарот за култура и културолошки студии (ЦККС) од Скопје. За поезијата на Доцевска ќе зборува м-р Ирена Јурчева.

Книгата е зборник на необјавени песни на поетесата Доцевска, песни кои низ душевната призма на авторката ги рефлектираат изминатите години и општествениот и личниот пат, проткаен со животите на другиот, прикажување на смислата во бесмислата и на губењето низ себепронаоѓањето, низ силата на мислата и на зборот во одбраниот пат и правец.

Авторката Оливера Доцевска е родена во Куманово. Дипломирала и магистрирала на Правниот факултет во Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, а работи како адвокат од 2008 до 2020 година.

Од 2012 година член е на Друштво на писатели на Македонија, а од 2014 – 2018 година е претседател на Статутарна комисија на ДПМ, воедно и член на Собраниски одбор на ДПМ.

Нејзиното книжевно творештво опфаќа повеќе дела поезија и проза, меѓу другото осум стихозбирки, три приредени антологии, како и колумни, есеи, преводи. Преведена е на повеќе јазици и добитник на неколку награди за поезија.

Оливера Доцевска денес работи и живее во Белград. свс/вг/

 

Остани поврзан